Трајанов: Тие што се незадоволни нека ја напуштат коалицијата


 

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов пред почетокот на средбата со премиерот Зоран Заев на која ги информира за договорот со Алтернатива, изјави дека  се прават пошироки консултации по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена.

– Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега Владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата, рече Трајанов, посочувајќи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија, како и дали ќе се даде фокус на стратешките прашања.

Тој сепак посочи дека има и спорни точки во договорот меѓу Зоран Заев и Африм Гаши, особено оној дел што се однесува на некаква си меѓународна експертиза за тешки судски случаи.

„Тоа не може да биде предмет на политички договор“, изјави претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов и додаде: 

„ Диво Насеље е класичен терористички акт во кој осумина припадници на полицијата го загубија животот, случај кога беше загрозен територијалниот интегритет на нашата држава и за тоа не може да се бара помош од странство. И случајот Монструм имавме повторено судење, два пати се судеше, Врховниот суд го прифати тоа барање, но и по втората постапка се дојде до истиот резултат дека веќе осудените лица се учесници во убиството. Ова не може да биде предмет на политички договор, на коалициски договор. Со политички договор се бара некаква амнестија за тешки злосторства и за тоа не може да има некаков компромис“, изјави Трајанов.

За ДОМ, пак, како што изјави претседателката на оваа партија Маја Морачанин, важно е да се види кои ќе се програмските приоритети на новата Влада.

Претседателот на НСДП, Тито Петковски рече дека засега нема аргументи ниту „за“ ниту „против“, и додаде дека ќе даде изјава откако ќе слушне од премиерот за постигнатиот договор со Алтернатива.