Трагична несреќа во Црна Гора. Поранешен германски фудбалер (34) почина при пад од ски-лифт
Фудбалскиот свет е потресен од тажната вест за смртта на поранешниот германски професионален фудбалер Себастијан Хертнер. 34-годишниот спортист почина во неделата во тешка несреќа во ски-центарот Савин Кук во Црна Гора, откако падна од висина од околу 70 метри од ски-лифт.
Трагедијата се случила додека Хертнер и неговата 30-годишна сопруга користеле двосед ски-лифт во ски-центарот во близина на Жабљак, во планинскиот венец Дурмитор. По неговиот пад, неговата сопруга била заробена на ски-лифтот и била спасена од службите за итни случаи. Таа добила скршеница на нога.
Збогум на капитенот
Хертнер играл во втората германска лига за Минхен 1860, Ерцгебирге Ауе и Дармштат за време на неговата кариера. Последен пат бил активен како капитен на клубот од петтата лига ЕТСВ Хамбург, кој се збогува со него во трогателна објава на социјалните мрежи.
„Со голема тага денес објавуваме дека нашиот капитен Себастијан Хертнер почина во трагична несреќа за време на неговиот одмор. Шокирани сме и длабоко трогнати. Искрено сочувствуваме со неговото семејство и најблиските. Почивајте во мир“, соопшти клубот.
Играше покрај светскиот шампион
Како млад фудбалер, Хертнер беше и член на германската репрезентација до 18 и 19 години. Во помладите тимови, тој ја делеше соблекувалната со подоцнежниот светски шампион Кристоф Крамер и Феликс Крос, брат на славниот Тони Крос, според германскиот Билд.