Трагедија во битолско Канино: На лов застрелан млад ловџија

БИТОЛА – Трагедија го снајде семејството Каранфиловски од битолското село Канино, откако од повреди здобиени на лов почина 35-годишниот Јове Каранфиловски. Јове зад себе оставил вереница, семејството се подготвувало за свадба, но ненадејно минатиот месец починал неговиот татко.  

Вчера Каранфиловски отишол на лов заедно со уште неколку свои пријатели, но во еден момент тој бил погоден од огнено оружје.

Со тешки повреди Јове Каранфиловски бил итно однесен на клиника во Скопје, каде кусо потоа починал. Од битолската полиција  соопштија дека несреќниот настан се случил вчера пред 10 часот кога од Итна медицинска помош било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди од огнено оружје бил донесен младиот ловџија од Канино.

„Полициски службеници извршиле разговор со Д.С. (36) од с. Бистрица и Р.Ј. (55) од Битола и според нивните сведочења Ј.К. се здобил со повредите во 09.30 часот, при лов во атарот на с. Канино, откако Д.С. испукал патрон, по што забележал дека Ј.К. бил повреден, наведуваат од полицијата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираше СВР Битола.

Роднини на Кузмановски велат дека тој бил искусен ловџија, кој години назад заловувал диви свињи и многу добро го познавал теренот околу своето село. (А.Б.)