Траеше 20 дена: Се раскопа свежиот асфалт на индустриската обиколница во Битола
Од фотографиите се гледа дека асфалтот е многу тенок на улицата каде што поминуваат камиони. И затоа почна да пука

БИТОЛА – Неполн месец по асфалтирањето се раскопа асфалтот на новата обиколница во индустрискиот дел на Битола – улицата „Бурса“. По оваа сообраќајница најчесто минуваат тешки товарни возила кои разнесуваат стоки од локалните фабрики.
На видео советникот на независната група „Поинаку“, Иван Чулакоски, ја прикажа состојбата кревајќи ги делчињата асфалт в рака додека автомобили сообраќаат на обиколницата.
„Ова е улицата ‘Бурса’ попозната како ‘Индустриска’ во Битола и може да видите колку е добро асфалтирана. Еве како изгледа улица асфалтирана само пред дваесет дена“.
Од снимените видеа и фотографиите се гледа дека асфалтот што е поставен е дебел само неколку сантиметри, најмногу пет. Дали е поради неумешност на изведувачот или штедење таму каде што не треба, засега не е јасно.
Улицата „Бурса“ е во должина од 2.418 метри, во овој проект се вложени 37,6 милиони денари, средствата обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.
Оваа нова обиколница на Битола е од големо значење за битолското стопанство. Улицата која претходно го носеше името „Индустриска“ не беше реконструирана речиси половина век.
„На изведувачот треба да му се активира гаранцијата и да се бара соодветен изведувач, крпење на нова улица е недозволиво. Второ фирмите страдаат сѐ додека се затвораат улици, околните бизниси страдаат“, реагира стопанственик чија форма е во овој дел од градот.

Нас стотина бизниси во индустрискиот дел на Битола, со години наназад трпеа штети поради лошата инфраструктура и сообраќајната (не)поврзаност, оти улицата на места имаше коцки, наместа дупки кои се полнеа во вода од нерешената одводна мрежа. Тоа беше причина после секој пороен дожд да се поплавуваат и дел од индустриските капацитети и штетите никако да се надоместат. Безбедноста да се помине по неа беше ризична и за тешки и за лесни возила, а особено за пешаци.
Лани на почетокот на април, Општина Битола објави дека започна реконструкцијата на улицата „Бурса“.
Денес по критиките на независниот советник, Општина Битола соопшти дека изведувачот ќе ги санира оштетените делови од свежо поставениот асфалт.
„По девијацијата на горниот слој на коловозот кој што се појави на неодамна асфалтирана ул. ‘Бурса’ во непосредна близина на Битолската пиварница, согласно договорот за изведување, настанатото оштетување ќе биде санирано од страна на изведувачот. Наведениот објект, односно ул. ’Бурса’ е во гарантен период и сите аномалии кои што се појавиле или ќе се појавуваат, обврска е на изведувачот да ги санира, со цел улицата да има нормален тек и изглед“, соопшти Општина Битола.
Лани по реконструкција на неколку улици во градот исто така за брзо време настана оштетување на асфалтот па изведувачите мораа да го коригираат.
Така беше и со улицата „Стив Наумов“ која беше двапати асфалтирана како и со кружниот тек на улицата „Прилепска“ каде по четири месеци од асфалтирањето се јавија деформации на асфалтот. Изведувачот си ги поправи грешките по барање на општината.