Традиционален словенечки појадок за промоција на придобивките од здравата храна


Традиционален словенечки појадок насловен „Мој појадок!“ организираше денеска Амбасадата на Република Словенија за ученици во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Целта на настанот е да се промовира појадокот како важен оброк во денот кој треба да се состои од здрава и локално произведена храна и да вклучува мед.

Во Словенија ваков настан се одбележува 14 години во основни и средни училишта и градинки затоа што, според амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер, од најрана возраст е значајна едукацијата за важноста на појадокот и тој да биде што е можно поздрав. 

-Традиционалниот словенечки појадок се состои од мед, млеко, леб, путер и јаболко – здрави состојки кои треба да бидат произведени блиску до средината во која живееме. Појадокот треба да биде што посвежа храна и да се користи што помалку транспорт и што помалку хемиски средства за конзервирање на храната. Така што, целта е да ги едуцираме децата и младите за важноста на појадокот и да знаат што е здрава храна, како што е медот, да се консумира локално произведена храна и био храна. Втората цел е поддршка на локалните фармери и пчеларите и децата да знаат дека тоа што тие го работат е важно за целото општество, изјави Прескер.

Во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје втора година се организира настанот Традиционален словенечки појадок со кој се промовира и здрав начин на живот. Директорот на Нова Иван Новаковски смета дека податоците во нашата земја за прекумерна тежина на деца и млади стануваат загрижувачки и, рече, се одраз на западниот начин на живеење.

-Веќе не сме имуни на тоа што го гледаме на друго место, туку ни се случува и нам, бидејќи имаме брза храна, исклучително процесирана храна и ги немаме навиките што можеби биле застапени  – да консумираме свежа храна. Сега веќе од нас се бара, и од возрасните, и од децата, да ги смениме нашите навики и да го немаме проблемот што го имаат западните општества – каде веќе има епидемија на гојазност и на нездраво живеење и станува и здравствен предизвик поради болести како дијабетесот итн., изјави Новаковски.

Додаде дека планираат овој настан да стане традиционален во соработка со Амбасадата на Словенија и дека вакви настани треба да се практикуваат и во други училишта во земјава, затоа што, рече, „децата ќе знаат да направат добар избор за тоа што е добро за нив наспроти тоа што не е добро“.

-Децата не се свесни од каде доаѓа тоа што го консумираат и дека понекогаш храната пропатувала океани за да стигне до нас, а истиот извор на храна го имаме буквално во нашето соседство, додаде Новаковски.

Основци во „Нова“ проследија и презентација како се произведува медот и кои се неговите предности како „храна за мозокот и енергија за телото“, и слушнаа колку се важни пчелите во целиот екосистем. Интерактивната презентацијата ја направи Весна Биљарска која шест години се занимава со пчеларство и производство на мед.

Таа изјави дека децата се многу малку информирани за здравата храна и за медот како намирница која, рече, е многу корисна особено во раната возраст заради развој на децата и нивната способност за учење.

-Како наставник и како родител постојано ја потенцирам потребата од здрава храна, а секако дека медот е меѓу најздравите намирници што постојат на планетава, изјави Биљарска.

Таа посочи и на проблемот со намалено производството во последните години со апел младите да се заинтересират за пчеларството.

-Ако пред педесет години просекот бил околу 60 килограми, сега просекот е паднат на 25, што е огромна разлика. А нашите планински медови, кои се на поголема височина, паѓаат и на 8 килограми на кошница во просек. Тоа е навистина многу малку и затоа во Македонија треба да се поттикне одгледувањето пчели и младите повеќе да се едуцираат и ангажираат во оваа гранка, за да се дојде до „капка мед“ повеќе и да има поголеми количини, рече Биљарска.