Тошковски: Светот се соочува со традиционални закани, но и со сајбер војни, злоуотреба на технологогија, екстремизам и дезинформации


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

Се наоѓаме во клучен момент од нашата историја кога безбедносните предизвици повеќе не се ограничени само на традиционалните закани како што е организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и се посложени опасности, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на ретренинг Конференција на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ), што започна денеска во Скопје.

– Денес сме сведоци на појава на сајбер закани и сајбер војувања, злоупотреба на технологија, традиционален екстремизам и претворање на дезинформациите во оружје што ја менува природата на безбедносната средина што ја работиме. Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка, рече Тошковски.

Од нас, потенцира тој, се очекува да бидеме агилни и екслузвни, да размислуваме однапред и да градиме политики и практики што ќе бидат доволно флексибилни за да одговарат не денешните предизвици но и доволно стратешки за да ги предвидат оние кои допрва доаѓаат.

-Истовремено не смееме да заборавиме дека колку и да се развива технологијата нашите основни вредности мора да останат цврсти и недопрени. Како полицајци и професионалци во областа на безбедноста сите ние имаме заедничка мисија да му служиме на народот и да ја штитиме државата. Оваа конференција е можност не само за размена на искуства и идеи, туку и за обновување на нашата заедничка посветеност кон вредностите што не обединуваат како што се заштитата на граѓаните, јакнење на владеење на правото и зацврстување на довербата во институциите, рече Тошковски.

На отворањето на Конференцијата зборуваше и Вилијам Габон, претседател на Асоцијацијата на националната Академија на ФБИ.

Габон истакна дека Скопје е историски град кој што се наоѓа на крстосница и каде историјата шепоти од неговите камења а иднината зависи од оние што се посветени на правдата, соработката и најважно пријателството. Овој собир, рече тој, е посветен на поврзување со професионалци кои размислуваат слично во Европа и светот.

Конференцијата се одржува од 20 до 24 септември во Скопје.