Тошковски ќе воведе тестови за дрога, одземање возила, автоматско санкционирање на нерегистрираните…
Да се запрашаме колку од нас возат откако ќе се напијат алкохол, колку од нас притиснуваат на гас кога ќе видат жолто светло на семафор
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/toskovski-komisija-sobranie-bg1.jpg)
Министерот Панче Тошковски на денешната расправа за безбедноста на сообраќајот во Собранието најави драстични законски измени и ригорозни казни за да се смени, според него, недостигот на правна култура кај ѓраѓаните наспроти создавањето култура на неказнивост. Притоа тој најави дека забрзано се работи на промените и дека мерките ќе вклучат правење на терен тестови за дрога а не само за алкохол, одземање на возила за безобзирно возење, автоматско регистрирање преку системот „Безбеден град“ на нерегистрираните возила, воспоставување евиденција на тие што направиле еднаш сообраќаен прекршок и следење на нивното однесување, па и одземање возила на тие што возат без возачка дозвола.
Тошковски овие мерки ги оправда со податоците кои, како што рече се ужасни. Според него, лани во Македонија во сообраќајни несреќи загинале 142 лица, што не е трагедија само за семејствата туку и пошироко. Исто така, во 2022 година биле констатирани дури 16.359 сообраќајни прекршоци од лица што воопшто не положиле возачки испиот, т.е. немале возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година – 19.000 што е речиси население од еден помал град во Македонија.
Колку пак возеле воопшто без дозвола, но не направиле сообраќајка па не се знае, е уште пострашно за размислување. Тој притоа ги нарече возилата „опасно оружје“ во рацете на тие што немаат возачка дозвола, а политиката на казнување – целосна неправда, бидејќи според податоците што ги видел има огромен расчекор меѓу бројот на направени сообраќајни прекршоци и покренатите постапки за нив.
Генерално, тој оцени дека кај нас подолг период се создавал систем на неказнивост и на селективна правда и дека тоа создало култ на протекционизам и на неказнивост во социо-психолошкиот профил на младите во земјата, во смисла дека живееле со верување дека тоа е нормално. Во тој тон тој упати прашање до сите:
„Да се запрашаме колку од нас возат откако ќе се напијат алкохол, колку од нас притиснуваат на гас кога ќе видат жолто светло на семафор“, и слично во тој тон за да порача дека сите заедно дозволивме да нема систем , да нема правна култура и да нема сообраќајна безбедност во државата.
Околу евиденцијата на извршителите на сообраќајни прекршоци и кривични дела тој рече дека е срамота во 21 век шест месеци да патуваат информациите од МВР до Обвинителството и назад и Јавното обвинителство да не нема увид во сите вакви дела дотогаш.
Тошкоски притоа најави дека систем за следење на сообраќајот ќе се инсталира не само во Скопје туку и во другите градови и дека тоа ќе биде систем „Безбедна држава“, а не „Безбеден град“. На крајот тој порача дека имаме можност за вистинска промена што не смее да се пропушти бидејќи ќе спаси животи и ќе ја зголеми безбедноста на сите нас.
Додека се обраќаше министерот СДСМ се јави со реакција околу Сергеј Попов, кој е еден од тие што ги портретираше Тошковски во говорот.
„Додека младите во Македонија протестираат, бараат правда и безбедност на улиците, се објави голем скандал кој го покажа вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Сергеј Попов, актуелен пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во 2014 година возел пијан, без возачка дозвола и предизвикал сообраќајка во која повредил жена! Поради ова е осуден за тешко кривично дело – возење без дозвола, под дејство на алкохол и предизвикување тешка сообраќајна несреќа. Вакво неморално однесување е во суштина идентично како однесувањето на сторителот на сообраќајката на младата Фросина. Сто тоа што убиецот на Фросина е во затвор, а Сергеј Попов е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Ете какво е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, сосема спротивно на се што младите сакаат и за што се борат и залагаат.