Тошковски ги отфрла тврдењата дека добил порака од Росица, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се измислица


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остро ги отфрли тврдењата што се појавија на социјалните мрежи дека убиената Росица Коцева неколку месеци пред трагедијата му испратила СМС-порака со барање за помош.

Повод за неговата реакција беше фотографија што кружи на интернет, на која се гледа содржина од наводна порака, но без датум на испраќање и без комплетен телефонски број. Во текстот на пораката, за која се тврди дека е испратена до министерот, Росица детално опишува дека е жртва на постојано насилство од поранешниот партнер, вклучувајќи тепање, прогон и запалување на автомобил, додавајќи дека надлежните институции му вратиле пасош и дека тој патува во странство.

„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста, а воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“, соопшти ПР-службата на Министерството за внатрешни работи.

Росица Коцева беше убиена на 15 септември заедно со својот татко во семејната куќа во Велес од нејзиниот поранешен партнер, кој по злосторството си го одзеде животот. Претходно таа повеќепати го пријавувала во полиција, а против него биле покренати постапки во Обвинителството.

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на ваквите тврдења: 

„Срамота е СДС да прави прес-конференции со измислени материјали. Пораките за кои зборува СДС се тотална измислица и фабрикација на нивната кујна за лаги и манипулации. Да се излезе со фабрикувана порака на убиената Росица, со тврдење дека е вистинита, е повеќе од лага – тоа е злоупотреба на смрт на една млада девојка за политички цели, што е надвор од сите морални основи и претставува некрофилство од невидени размери“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека „лагите и манипулациите се најсилното оружје на СДСМ, поради недостаток на конкретни политики“ и прашуваат „до каде ќе оди умноболието на СДС“. 

По убиството, невладини организации протестираа пред МВР и кај паркот „Жена борец“ во Скопје, со порака дека системот повторно затаил и дека институциите со својата пасивност овозможуваат континуирано насилство врз жени кое завршува со фемициди.