Тони Коњановски во Битола наследува полна каса со 5 милиони евра


Тони Коњановски доби 24.708 гласови од битолчани

„Сите што излегоа во вториот круг гласаа да ја казнат власта, ама не локалната, туку централната“, велат познавачите на битолската политика

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Убедлива е победата на Тони Коњановски на вчерашниот втор круг од локалните избори во Битола, со што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола ја презема општината со убедливо победа од 2.730 гласови пред ривалот од СДСМ, Христо Кондовски.

За Коњановски вчера гласаа 24.708 гласачи што во споредба со првиот круг од изборите, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ успеа да привлече 5.137 гласа плус на своето конто. Со победа од близу 25.000 гласови, ВМРО ДПМНЕ вчера во Битола беше непобедлив и недостижен со што ги повтори резултатите од парламентарни избори во 2014 година.

Но, не се за потценување ни гласовите кои во вториот круг успеа  да ги  добие и кандидатот на СДСМ, Христо Кондовски, кој вчера доби 21.978 гласови или во споредба со првиот круг плус 4.052 гласачи.

Она што партиите на локално ниво предвидуваа и стравуваа дека во вториот круг ќе има помалку гласачи и помала излезност за разлика од првиот круг не се оствари. Напротив, излезноста беше помасовна уште од утринските часови и на гласање излегоа повеќе од 3.000 гласачи.

Токму овој момент на „мотивираност“ на битолчани да излезат на гласање познавачите на општествено-политичките состојби во градот го толкуваат како казна или револт на  битолчани да гласаат против политиките на централната власт.

Битолчани мислат дека на овие избори го казниле Заев, а не Кондовски, кој се вклучи во изборната трка како политички и партиски неоптоварен во минатото.

„Сите што излегоа да гласаат во вториот круг излегоа да ја казнат власта, ама не локалната, туку централната. Оти ако беше локалната за казнување ќе беше само во Битола,  а не насекаде во државата. Дури и во Ресен, каде водеше СДСМ во првиот круг со 200 гласови и плус 800 гласови од ДУИ загуби“, вели политичар од Битола добар познавач на состојбите во градот.

Кондовски пак вчера им се заблагодари на битолчани на поддршката и ги поздрави до следниот предизвик.

„Како докажан претприемач, конструктивен и отворен ќе продолжам да го давам својот придонес за развој на Битола во секој сегмент во кој што можам. Посакувам подобра и поубава иднина за сите нас, граѓаните на Битола. До следниот предизвик останете во добро здравје и со добра мисла“, напиша Кондовски, честитајќи му ја победата на Коњановски.

Новиот градоначалник на Битола, Коњановски уште во првото славеничко обраќање до битолчани посака да се закопаат секирите на раздорот за доброто на Битола.

Новиот градоначалник ќе ја преземе Општина Битола во исклучително поволна финансиска состојба. Со полна каса од над 5 милиони евра, со решени предмети за легализации со дополнителни приходи од ДДВ и данок на имот.

Сепак, она што може да претставува проблем во функционирањето на новата локална власт во Битола е необезбеденото мнозинство во општинскиот Совет.

ВМРО ДПМНЕ освои 13 советнички места, а мнозинството до 16 ќе треба да обезбеди од помалите политички партии што освоија едно до двајца советници (Левица 2, ЛДП 1 и ДУИ 1) или пак да коалицира со независните советници кои имаа три мандати.

Веднаш по победата на Коњановски се огласија од листата „Поинаку“ –„Битола мора да почни да функционира, а тоа од утре ќе зависи само од желбата дали некој сака да работи. ‘Поинаку’ останува на страната на битолчани и секој кој сака да работи за Битола!“, стоеше во ФБ порака на независните.