Тони Коњановски е новиот градоначалник на Битола
ВМРО-ДПМНЕ слави во Битола. Кандидатот за градоначалник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ води со неколку илјади гласови пред кандидатот на СДСМ Христо Кондовски. Голема група на поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и Коњановски се собраа пред општинскиот комитет на партијата во центарот на градот, во една еуфорична атмосфера и со шампањско.
Во обраќањето до јавноста Коњановски повика сложно да се работи за Битола и да се закопаат секирите.
„Благодарам за оние кои излегоа во првиот круг и за оние кои ја повторија својата поддршка во вториот круг. Благодарам за сите оние кои храбро, достоинствено, гордо, оддолееја на притисоците го дадоа својот глас за подобра Битола за подобро место за живеење за сите нас. Битола одбра промени, проекти, победи. Благодарам од срце. Ги повикувам сите граѓани да ја дадам својата поддршка повторно за она што од утре нѐ очекува многу работа и труд, градот да го направиме подобро место за живеење за сите нас, за нашите деца. Да ги закопаме секирите и заедно да тргнеме во нови победи“, рече Коњановски во обраќањето.
Што се однесува до мнозинството во општинскиот Совет, каде ВМРО-ДПМНЕ има 13 советници, СДСМ 11, „Поинаку“ 3, Левица 2 и ЛДП и ДУИ по еден советник, Коњановски смета дека ќе успее да формира мнозинство и како што вели „мој мотив за оваа битка за Битола е да го спојам и неспоивото“.
Инаку, кандидатот на СДСМ Христо Кондовски му ја честита победата на Коњановски. (А.Б.)