Томовски ќе продава стари службени возила за да купи 100 амбулантни

Ивица Томовски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на телевизија Сител во „Тема на денот“ истакна дека од продажбата на службените возила кои се вон употреба ќе се набават 100 амбулантни возила и тоа 80 во 2026 година додека останатите 20 во 2027 година, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од продажбата на овие возила коишто ќе ги расходоваме проценето е дека почетната цена би била некаде околу 1 милион и 600 илјади денари. Тие средства одат во буџетот на државата, после тоа од тој буџет на државата ќе одлучуваме што понатака. На последната седница на Влада помина одлука со којашто се задолжи Министерството за здравство да набави 100 амбулантни возила во текот на наредната година, со одложено плаќање на пет години. 80 возила ќе бидат набавени во 2026 година останатите 20 возила ќе бидат набавени во 2027 година, правиме некаков исчекор, ги расходоваме овие возила, и почнуваме со набавка на амбулантни возила а сум убеден дека истото ќе се пристапи и кон противпожарни возила“, рече Томовски.
Во врска со обвинувањата на СДСМ и нивната кампања Томовски додаде:
„ СДС и ДУИ живеат уште во минатиот век, никако да излезат од онаа нивна матрица, има подметнување на пожари, обвинувања разноразни за некакви набавки, очекувам дека ќе продолжат со таква кампања бидејќи немаат конкретна понуда кон граѓаните и би им дал совет доколку сакаат да им се доближат на граѓаните, доколку сакаат да ја добијат поддршката треба да пристапат кон решавање и понуда на конкретни решенија за одредени проблеми во општеството. Ние ќе водиме позитивна кампања, кампања на проекти, не очекувам ништо поразлично“, дециден е Томовски.