Томе Христоски од СДСМ побара уште еден мандат во Крушево
Наведувајќи дека за изминатите четири години Општина Крушево со три кредити и 13 милиони денари долг ја направиле една од најуспешните по реализација на проекти. досегашниот градоначалник Томе Христоски (СДСМ) побара уште еден мандат од крушевчани за да ги заврши сите започнати проекти. Тој рече дека им 50 подготвени проекти и реализирани 6 милиони евра во инфраструктурни зафати. Од општина која само сееше страв, а не беше соработник на граѓаните денес имаме отворена и транспарентна општина, нагласи Христоски.
Како позначајни реализирани проекти во изминатите четири години Христоски ги наведе реконструкцијата на спортската сала со проширување на нејзината намена со авантуристичка понуда, реконстуркцијата на горната училишна зграда, а обезбедени се пари за реконструкција на кровот и салата во ОУ „Никола Карев“.
Во врска со проблемите со водоводната и канализациската инфраструктура во општина Крушево, Христоски, наведе дека е дограден цевководот во Саждево, изградени се резервоари за вода во Белушино, Борино, а тековно се работи во Јакреново и Пресил и најави дека во период од 2021-ва до 2025-та ќе се работи на канализациони системи во Свето Митрани, Врбоец, Пресил, Алданци, Саждево, Борино, втора фаза во Норово. Тој истакна дека водоснабдувањето останува приоритет.