„Тој доаѓа“: ДУИ влезе во нова кампања за реинвентирање

Ако се суди според реториката на ДУИ изборите за новиот парламент се пред порта. Само што не почнала продолжената кампања за нив. За да го смири револтот на отпадничката група на Изет Меџити, Муса Џафери и другите, како и нивниот голем број приврзаници, раководството на ДУИ почна преку социјалните мрежи да го споделува слоганот „Да! Тој доаѓа“. Мислејќи на договорот Заев – Ахмети од 2020 во стоте дена на техничката влада премиер да биде Албанец. Не е тешко да се погоди оти станува збор дека Албанец треба да биде четврти премиер во регионот – по Косово, Албанија и Црна Гора.
На ДУИ ѝ е неопходно повторното реинвентирање (како што претходно беше она со зелената агенда), па новиот координатор на огранокот во Чаир, Бујар Османи, неочекувано го реактуелизираше познатиот договор, а еден ден подоцна Артан Груби на косовската телевизија му даде дополнителна доза кислород.
Дали ова е новиот моментум за кој ќе се држи ДУИ или уставните измени за напредокот кон ЕУ се поважни од она „Тој доаѓа!“
По жестоките критики внатре во ДУИ Груби рече дека немал амбиции да го наследи претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во времето пред изборите, иако е прв вицепремиер. Тој му ја оставал таа одлука на Али Ахмети. Но не кажа што ќе направи ако изборот на Ахмети биде токму самиот тој – Груби. (Н.В.)