Тимоние: Посакуваме отворање преговори, тоа ќе биде добро и за нас
Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, денеска беше во посета на Гостивар за да присуствува на манифестацијата „Ден на франкофонијата“ и притоа се сретна со градоначалникот Арбен Таравари.
На средбата Тимоние и Таравари зборувале за унапредување на соработката.
На новинарско прашање околу процесот за пристапување на земјава во Европската Унија и добивањето датум, Тимоние одговори дека тоа не е само политички маркетинг.
– Отпочнувањето на преговорите ќе биде добро и за нас, амбасадорите на западните земји. Ние посакуваме отварање на претпристапните преговори. Но, земјата треба навистина да е подготвена за тоа. Така што тоа нема да биде подарок, тоа треба да биде заслужен подарок во вашите раце, додаде Тимоние.
Тој присуствуваше и на деветото издание на манифестацијата „Ден на франкофонијата“ во Центарот за култура АСНОМ.
Годинава покрај ученици од Гостивар настапија и ученици од Скопје, Тетово, Пехчево, Кавадарци, Лозово, Врапчиште и Добри Дол.