Македонски полицајци ќе се грижат за безбедноста на Европското фудбалско првенство


Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија информира дека во соработка со романската полиција и надлежните служби на УЕФА, испрати свој тим од пет полициски службеници кои во периодот од 11 до 18 јуни ќе бидат присутни во Букурешт, Романија, по повод Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020, на кое за прв пат ќе учествува и македонската фудбалска репрезентација.

-Задачата на нашите полициски службеници е заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и Украина да создадат безбедносни услови овој значаен спортски настан да помине согласно највисоките безбедносни стандарди, истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани кои ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека на овој начин, МВР ги потврдува професионалните капацитети на своите полициските службеници, како и својата европска посветеност, исполнувајќи ги притоа највисоките меѓународни безбедносни стандарди во обезбедување на значајни спортски настани од висок ризик.