Тетово го реконструира водоводот од Попова Шапка до резервоарот


Општина Тетово започна со имплементација на два значајни инфраструктурни проекти во системот за водоснабдување, целосно финансирани од Владата на Република Северна Македонија, преку унгарскиот кредит во рамките на потпрограмата АА – Инфраструктурни проекти во општините за 2024 година, под надзор на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектите опфаќаат:
🔹 Реконструкција на водоводната мрежа во населбата „Вонвардарска“, со вредност од 15.248.478 денари,
🔹 Реконструкција на главниот цевковод од Попова Шапка до резервоарот – втора фаза, со вредност од 65.598.976 денари.

Двата проекти се 100% финансирани од државниот буџет, додека изведувач на работите е компанијата АД ПЕЛАГОНИЈА – Гостивар.

„Овие инвестиции се дел од нашите континуирани напори за обезбедување квалитетни и одржливи јавни услуги за граѓаните. Подобрувањето на системот за водоснабдување не е само инфраструктурно прашање, туку и основен предуслов за квалитетен живот во градот,“ – изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.

„Денес го означивме почетокот на еден витален проект за градот, изградба на современ систем за водоснабдување во една од најголемите населби во Тетово. Оваа инвестиција е вредна над 15 милиони денари, целосно обезбедени како грант средства од Владата, и директно ќе влијае на подобрување на условите за живот на стотици семејства,“ – нагласи Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

Градежните работи ќе се одвиваат согласно законските рокови и техничките стандарди предвидени во договорите. Општината ќе го следи процесот со цел да обезбеди транспарентност и ефикасност во сите фази на реализација.