Тестирањето ТИМСС прва жртва на штрајкот на Државниот испитен центар


Тестирање ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study), кое почна на 3 април, а во кое се опфатени 150 основни училишта од државата и до крај на наставната година треба бидат тестирани околу 4.900 ученици на македонски и на албански јазик, денеска не се одржа, во училиштата во кои беше закажано, затоа што штрајкуваат вработените во Државниот испитен центар.

Инаку, со учеството во меѓународните студии на мерење на постигањата на учениците се добиваат многубројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигнувањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигнувањата на учениците на меѓународно ниво, како исклучително важен фактор за понатамошното креирање на образовните политики со кои Министерството за образование и наука ќе обезбеди поквалитетно образование за сегашните и идни генерации ученици.

TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). ТИМСС тестирањето опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата, а резултатите од ова тестирање со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година.

Лани, во рамки на активностите за подготовка на нашата држава за учество на меѓународното ТИМСС-тестирање за ученици од четврто одделение во 2023 година, почна да се спроведува пробно ТИМСС тестирање кое опфати 1.197 четвртоооделенци во 30 основни училишта – 837 на македонски и 360 на албански наставен јазик. По случаен избор беа избрани една или повеќе паралелки во зависност од големината на училиштето.

Пробното тестирање почна  во ООУ „26 Јули” во општина Шуто Оризари кое тогаш го посети директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска.

-На компјутер ќе решаваат тест и ќе пополнуваат прашалник за ученици. Пробното тестирање има 11 различни тестови од областа на математиката и природните науки кои ќе треба да ги одговараат електронски, преку развивање креативно мислење и читање со размислување. Времето за реализација на тестирањето сосе подготовките и пополнување на прашалникот е три часа, рече Наумовска.

Во рамки на пробното ТИМСС тестирање прашалници ќе добијат и наставници и директори на училиштата, а во писмена форма и родителите на тестираните деца за да се добијат одговори и за наставната практика, методите и пристапот во наставата, социоекономските услови и други фактори што влијаат на постигнувањата на учениците.

Тестирањето не одржа денеска

Сепак, учениците од четврто одделение, од едно скопско училиште денеска не беа тестирани, затоа што сѐ уште штрајкувале вработените од Државниот испитен центар. Тестирањето требаше да се изведе преку школски лаптопи, но учениците денеска имаа нормален училиштен ден.

„Прашањата кои ќе ги има на екстерните испити се направени, но некои од тестовите не се прочитани од независни читачи. Има процедура. Печатењето на тестовите е во тек за некои предмети, а самото печатење е процес кој трае со денови. Сега сето тоа е стопирано. Ако ни излезат надлежните во пресрет на нашето барање, ќе работиме и за викенди за да го организираме процесот на време“, информираат во Испитниот центар. 

Парите за ова тестирање се обезбедени од Европската Унија. 

„Во неколку наврати досега Министерството за образование и наука, како и министерот Шаќири преку лични изјави за медиумите, упати апел до Државниот испитен центар и Министерството за финансии за изнаоѓање решение на предизвикот поради кој е доведено во прашање спроведувањето на државната матура, но и меѓународното ТИМСС тестирање. Надлежноста за надминување на предизвикот не е кај МОН, а итноста за решение е голема, во интерес на учениците. Полагањето на матурата значи заокружување на средното образование и основ за продолжување во високо или пак за вклучување на пазарот на трудот. Додека ТИМСС тестирањето ни обезбедува податоци врз основа на кои се креираат идните образовни политики. Изразуваме надеж за поскоро затворање на ова прашање, како не би настана потреба за организациски промени поврзани со овие процеси“, велат од МОН за „Независен“. 
 

Дека ќе страдаат државните тестирања, но и одржувањето на матурата, вработените во Државниот испитен центар најавија уште минатата недела кога го почнаа штрајкот. Тој ден рекоа дека ќе сработат уште нкои последни подготовки и неодложни работи, а ќе функционира само арфивата каде се примаат барања.

Дваесет и девет вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) од вторникот се во генерален штрајк зашто не добиле согласност од Министерството за финансии на нивното барање за зголемување на платите.

– Наставниците одамна добија покачувања, а платите наши беа заборавени. Со покачување на минималната плата веќе двапати, се зголемија само на тие со најниска позиција. А ние сме основата т.е. стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образованието. Дојдовме во ситуација во која вработените не можат да преживеат со оглед на поскапувањата. Ние имаме улога многу посериозна од тоа колку нѐ цени Владата. Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме позитивен одговор. Не е само државната матура, има процеси коишто се врзани со рокови. Овие вработени се во клучни процеси, секој од нив е битен и битно е да биде стимулиран, да добиеме плата за достоинствен живот, изјави Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ тогаш.

Министерот за образование Јетон Шаќири повика да не се прави тоа врз грбот на средношколците.

– На сите вработени кои се вклучени во јавната администрација, на сите ресори вклучени во Владата, им порачувам дека се зборува за општиот колективен договор каде се вклучени сите синдикати. Значи тие вработени кои припаѓаат на УПОЗ јас ги повикувам, затоа што имаме законски обврски, па кога се работи за државна матура, не можат да го искористат моментот на државна матура за да ги постигнат совите цели – рече Шаќири, одговарајќи на прашање по тркалезната маса на тема „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.