Тешко се продава осигурување на интернет


На осигурителниот пазар од 11 компании само седум нудат онлајн-продажба на патничко осигурување, а само 20 отсто од осигурителните услуги се дигитализирани. Ова покажува дека четвртата индустриска револуција – дигитализацијата, уште сериозно не ја опфатила осигурителната индустрија.

„Пазарот на осигурување и компаниите во Македонија сè уште функционираат на традиционален начин со директна продажба, а нашите системи сè уште се во фаза на доработка за почеток на дигитализација. Почетоците на дигитализација во делот на продажба и проценка на штети се на пониско ниво, но сепак радува освртот на компаниите кон тоа. Имаме пораст во обновата на автоодговорноста, кај онлајн-продажбата на патничкото здравствено осигурување, некои компании воведуваат обнова и продажба на осигурување на домот преку интернет, а имаме и компанија што воведува дигитална проценка на штетите“, вели Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија.

Од визијата на менаџментот во компаниите зависи прифаќањето на промените и примената на напредните технологии.

„Ако не го фатат чекорот со новите технологии, друштвата за осигурување ќе бидат осудени на пропаст, односно нема да можат да опстанат на пазарот“, посочи Климе Поповски, претседател на советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и додаде дека земјата добро котира на регионално ниво. Поповски смета дека дигитализацијата нема да го намали бројот на вработени во осигурителниот бизнис.

На хакатонот што изминатиот викенд се одржа во Скопје, студенти изработија прототип на мобилната апликација за европски извештај за сообраќајни незгоди. Со неа ќе нема потреба од рачно пишување на извештај на хартија туку преку „Гугл“ ќе се лоцира местото, а сликата електронски ќе се испрати до друштвата за осигурување, без да се оди кај нив. Со тоа ќе се скрати процесот на решавање на штетите. Хартиената форма во почетокот ќе функционира паралелно.

Осигурителниот пазар во државава во првата половина од годинава бележи пораст од 6,87 проценти, при што кај неживотното осигурување има зголемување од 5,5 проценти, а кај осигурувањето на живот од 15,5 проценти.