Тензична вечер во Собранието, уцени и молби, пакетот економска помош не беше изгласан


Тензиите меѓу претседателот на парламентот Талат Џафери и опозициските пратеници продолжија и вечерва, откако тој одби да ја прекине 32. седница за која опозицијата не сакаше да прави кворум и да ја почне 36-та на која ќе се гласа пакетот со економски мерки.  За да ги изложи опозициските пратеници на срам пред јавноста тој ги читаше поименично еден по еден додека излегуваа од салата, нагласувајќи за секој од нив дека се потпишал за присуство и дека утре ќе бара дневница, а нема да си ја одработи на седницата. 

Тензиите ескалираа откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски уште еднаш побара да биде прекината 32-рата седница, и да се продолжи 36-тата седница.

„Да ја скратиме оваа драмолетка, немате кворум, тоа е факт. Слабо ви е мнозинство и тоа е факт, не се сите пратеници тука, тоа е факт. За да ги скратиме овие драмолетки. ве молиме, констатирајте дека немате кворум за 32-рата седница, ставете ја седницата 36 да ги изгласаме законите. Џабе тропате, граѓаните ви тропаат, ги чекаат парите, дајте да ги гласаме. Ве молиме еден месец. Ајде закажете ја 36-тата седница“, рече Мицевски.

Талат Џафери тогаш збесна и жестоко му одговори.

„Јас тука зборувам за процедура, не за желба. Одбивавте да бидете во Собранието на два пати. Имаме изолирани пратеници. Од 25 март до сега не одржавте комисија за финансирање и буџет, и тука мене ми зборувате дека јас го кочам донесувањето на мерките. Тоа е срамота. Што мислите вие, дека јас јадам слама тука. Не водам кладилница, државна институција водам. Вие поднесовте 2.000 амандмани за Законот за државјанство. Ако сакам и три часа ќе зборувам, три месеци ме тупите тука. Цел ден ми тупите со медиумите. Дури 101 пратеник се потпишани, ќе земете патни трошоци. Четири години ве бранам дека тоа не е така, но сами си се удирате од глава и не се вразумувате. Не може да ве викам секој ден тука, да плаќаме патни трошоци за 100 пратеници, а на седница да има 50 пратеници, 58, 59 пратеници. Зошто? Зашто така решил извршниот комитет на некоја партија. Ќе почекаме да оздрават пратениците од мнозинството, па ќе ги донесеме законите“, рече Џафери.

Тој  соопшти притоа дека 20 седници не се завршени поради ВМРО-ДПМНЕ и нивниот  однос.

Претходно, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, соопшти дека тројца пратеници од мнозинството се во изолација поради тоа што се заболени од ковид и побара од опозициските пратеници да не ја користат таа ситуација и да ги изгласаат заедно законите од 32. седница како што било договорено.

Пред крајот на двочасовната процедурална расправа Димве Велковски од СДСМ ги молеше пратениците од опозицијата да влезат во салата и да ги изгласаат заедно законите што чекаат, а после него молеше и Мицевски.

„Ве молам, ве молам, ставете го пакетот мерки да го изгласаме, не сме интересни веќе“, го молеше Мицевски Џафери, кој не попушташе.

„Ако мислите дека ќе ве викам за секоја седница посебно за да земате надоместоци, нема да дочекате“, му одговори Џафери прашувајќи го – кој морал сега овде ми продавате?

Потоа тој ја прекина седницата и се закани дека ќе разговара Собранието да биде ставено во карантин, бидејќи има заразени пратеници со коронавирус.

„Како нема пратеници, има 100 пратеници во моментов во Собранието”, довика некој од ВМРО-ДПМНЕ.„Не знам, јас тука гледам 50-тина”, реплицираше Џафери. За евентуално закажување идна седница тој рече дека ќе бидат известени дополнително. (Н.В.)