Тениски класик во полуфиналето: Федерер против Надал по 11 години на Вимблдон


На општо воодушевување на љубителите на тенисот ширум светот, во полуфиналето од Вимблдон ќе гледаме тениски класик помеѓу Роџер Федерер и Рафаел Надал кои денеска лесно ги прексокнаа четвртфиналните пречки.

Федерер се помачи за нијанса повеќе од Надал. Швајцарецот за нешто повеќе од два и пол часа игра го скрши отпорот на Кеи Нишикори, совладувајќи го со 3:1 (4:6, 6:1, 6:4, 6:4). Се трудеше Јапонецот, пружаше отпор колку што можеше, се закани по освоениот прв сет, но не можеше против најдобриот во историјата на Вимблдон. Федерер му дозволи брејк на Нишикори само во првиот сет и тоа го чинеше загуба на првиот сет. Но, затоа во продолжението возврати уште посилно. Го демолираше Нишикори во вториот сет, а потоа во следните два направи по еден брејк што му беше доволно за пласман во полуфиналето. Нишикори во третиот и четвртиот сет имаше вкупно една брејк шанса која секако не ја искористи.

Надал многу полесно од што се очекуваше излезе на крај со Сем Квери и неговите топовски сервиси. Шпанецот славеше со убедливи 3:0 (7:5, 6:2, 6:2). Во првиот сет рано направи брејк, потоа сервираше за сет и токму тогаш му дозволи рибрејк на Квери. Но, брзо Рафа се исправи и веќе во следниот гем повторно направи брејк против Американецот по што рутински го освои сетот. Во следните два сета Квери имаше само две брејк топки и не ги искористи, а Надал успеа дури четири од осум и си закажа дуел со Федерер во полуфиналето.

Најголемото ривалство во историјата на тенисот ќе добие своја 40. епизода. Во досегашните 39 дуели Надал славел 24 пати, а Федерер 15. Меѓутоа, на Вимблдон Федерер води со 2:1. Играа три пати по ред во финалето од 2006 до 2008 година и ова ќе им биде прв дуел на тревата во Лондон по цели 11 години и она епско финале во кое Надал славеше по пет сетови и речиси пет часа борба. Пред тоа Федерер имаше две победи во низа над Надал во финалињата на Вимблдон.