„Текстилијада“: Текстилната индустрија е во опасност, а со тоа и работните места


 Работнички права, зголемување на минималната плата на работниците и како да се задржат работните места, се дел од темите на денешните дебати на „Текстилијада 9“ во Штип, која веќе втор ден се одржува во организација на „Гласен Текстилец“ во соработка со Општина Штип. Кристина Ампева претседателка на „Гласен текстилец“ вели дека дополнително тема на една од дебатите беше и положбата на жените во ова општество и на работните места.

-Зборуваме за тоа колку синдикатите се моќни, колку се автономни, колку се независни, бидејќи гледаме едно раслојување на синдикатите, рече Ампева.

Текстилната индустрија се наоѓа во опасност, а со тоа и задржувањето на работните места. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов посочи дека една од заложбите на ССМ е и како да се спречи оваа појава.

 -Мислам дека тоа треба да биде во фокусот на денешниот ден. Но сметаме дека покрај правата на синдикалното организирање, формирање на синдикатите и нивното функционирање поважно е да зборуваме за работничките плати, губењето на работните места и опасноста во која се наоѓаат, имајќи во предвид дека текстилната индустрија е во опасност, рече Трендафилов.

Вечерва во рамки на „Текстилијада 9“ ќе има и претстава во Народниот театар Штип, а во текот на вчерашниот ден имаше изложба, литературен конкурс.