Техничкото училиште во Битола како градилиште, после 34 години се обновува покривот и дограмата
Реконструкцијата на Техничкото училиште се реализира со помош на бугарската влада, која обезбеди донација од 133.000 евра, општина Битола кофинансира 27.000 евра
Анета Блажевска
БИТОЛА – Со капитални реконструктивни зафати средното техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола овој летен распуст е вистинско градилиште. Комплетно се менува покривот, дограмата, осветлувањето. Реконструкцијата ја помага бугарскиот конзулат во Битола. Претходно се санираат и тоалетите и неколку училници.
Од 1986 година од кога е изградено училиште до пред две години, шајка не беше ставена во школото.
„Цели 34 години откако училиштето е пуштено во работа немало никаква капитална инвестиција или пак, реновирање. Досега е заменета половина од вкупната површина на покривот (азбестните плочи беа на површина од околу 3.200м2) со пластифициран профилиран лим, како и старата дотраена дрвена столарија со петокоморен ПВЦ профил. Првиот кат од училиштето е со нова дограма и се продолжува со замената и на приземјето, со цел сите училници да бидат оспособени за користење со физичко присуство на учениците во моментот кога за тоа ќе се создадат услови. Работиме на осветлување на просторот околу училиштето со поставување на ЛЕД рефлектори на фасадата на објектот“, вели Владимир Роме, директор на училиштето.
Стариот покрив на Техничкото училиште од азбестните плочи кои се штетни и веќе секаде исфрлени од употреба, протекуваше после секој дожд, и ја попречуваше наставата. При поголеми дождови се поплавуваше и спортската сала.
Старата и дотраена дрвена дограма не дихтуваше и токму поради тоа школото имаше огромни загуби на нафта за греење. Во зима децата мора да седат на настава со виндјакни. Прозорците зјаеа, па најголем дел од нив беа заковани за да се намали провевот.
Реконструкцијата на Техничкото училиште се реализира со помош на бугарската влада која обезбеди донација од 133.000 евра, општина Битола кофинансира 27.000 евра за комплетна замена на дограмата и покривот. Во март годинава генералниот конзул на Бугарија во Битола, Димитар Иванов, и директорот на училиштето Владимир Роме потпишаа договор за соработка.
Средствата се обезбедени преку европските фондови и Програмата за помош и развој на соседните држави со цел учениците во Техничкото училиште новата учебна година да ја почнат во современа и реновирана зграда. Во исто време ќе се постигне и еколошки ефект.
„Целта ни е да се создадат нормални, добри услови за учениците, администрацијата и професорите во училиштето. Ќе има и еколошки ефект зашто училиштето се загрева на мазут и со санирањето ќе се намалат количините на потрошено гориво“, рече генералниот конзулат Иванов, на потпишувањето на договорот.
Реконструктивните зафати се во тек и се очекува целосно да завршат најдоцна до 31 декември оваа година, кога завршуваат сите рокови согласно условите во јавната набавка.
„Училниците ќе бидат подготвени за настава до 1 октомври, но во училиштето се планира наставата да се реализира онлајн поради големиот број паралелки со повеќе од 30 ученици, поради што не постојат просторни услови за реализација на наставата со физичко присуство“, вели Роме.
Минатата година во Техничкото училиште се реконструираше и санираше водоводната и одводната мрежа, која беше речиси целосно во распад.
Пред две години се реновираа и три училници кои заради негрижа од бившите раководства со години биле оставени да скапуваат во влага со мувлосани ѕидови и распаднат малтер. Реновирањето беше направено со сопствени средства, зошто ова училиште беше едно од ретките кое функционираше без блокирана сметка.
Во обновените и оспособени училници беше сместена опремата за двата кабинети по физика и практична настава за профилот електротехничар-енергетичар, грант добиен од амбасадата на Германија во висина од 5.500 евра. Средствата за опремата ги обезбеди германската амбасада, но средувањето на кабинетите беше со средства на општината во износ од 3.500 евра.
Во текот на летото со средства на општина Битола во целост се реконструирани санитарните јазли за учениците во училиштето со што во голема мера се подобрени хигиенските услови во училиштето во време на пандемија кога хигиената игра огромна улога во справувањето со оваа криза.
Актуелната општинска власт во 2017 година наследни многу руинирани училишта.
Од Општината, потврдуваат дека за последните три години, инфраструктурни зафати се реализирани во 11 основни и 5 средни училишта за што се вложени 221.532 евра.