Прилеп е подготвен да го врати театарот дома на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Добитници на наградата за животно дело се Петар Темелковски и Петар Мирчевски


Десет претстави во официјалната програма, пет во независната, тркалезни маси, програма за деца, автор во фокус – ова е дел од програмата на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се случува од 9 до 16 јуни во Прилеп. Отворањето на фестивалот кое годинава е под мотото „Враќање дома“, ќе биде организирано на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 20.30 часот. Со видеоесеи фестивалот ќе им биде оддаде почит на лауреатите на наградата за животно дело, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле. Во 21.30 часот на сцената на Центарот за култура ќе гостува театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски. Театарот од Велес одлучи, наместо со „Инферно“, која беше селектирана во официјалната програма, од технички причини, да учествува со оваа претстава.

Исто така, и Македонскиот народен театар, кого селекторката Ана Стојаноска го избра да учествува со „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, го откажа своето учество.

-Иако имаше предлози овие две претстави да се играат на нивните матични сцени, сепак, како Собрание на фестивалот одлучивме дека МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува во Прилеп и дека не е во ред да носиме публика од градот за некои претстави да се изведат на матичните сцени. Ова нека биде и вид апел за сите да работиме повеќе на подобрувањето на техничките можности на сцените во Прилеп – истакна Стојаноска.

По одлука на Собранието на фестивалот, од истата причина, и Албанскиот театар, наместо со селектираната „Три сестри“, ќе учествува во официјалната програма со „Балкан“ во режија на Арбен Кумбаро.

Од 5 јуни ќе бидат пуштени во продажба влезниците на фестивалот на билетарницата на Центарот за култура „Марко Цепенков“, а информација за работното време – на следниот линк.

Програмата на фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден.

Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата „Театроск“ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди. Оваа програма е поддржана од „Пакомак“, а е дел од нашата заложба за екофестивал.

На 13 јуни ќе се одржи и меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на македонската јавност“.

 

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.

Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.