Алијансата одлучи да влезе во Владата, СДСМ го задолжи Ковачевски да ги договори кадрите

Членството на партијата во анкетата го електронски пат го поддржало влезот на АА во Владата, СДСМ го овласти Ковачевски да разговара за кадровските решенија


 

Централното претседателство на Алијанса за Албанците на вечерашната седница со мнозинство прифатило партијата да влезе во Владата.

Според претседателот на АА, Арбен Таравари, сигурно било дека партијата ќе ги добие министерствата за здравство и министер за правда се сигурни. Допрва треба да се договарало дали партијата ќе добие и прв човек во  Министерството за информатичко општество или пак заменик-премиер за економски прашања. Двајца заменици-министри за одбрана и за земјоделство се договорени како ресори што ќе припаднат на новиот коалиционен партнер.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари за утре најави лидерска средба каде што ќе ги објави имињата на идните министри. До одлуката на АА дојде и по  внатрепартиско референдумско изјаснување на членовите по електронски пат кои го одобриле учеството на партијата во извршната власт.

Тој рече и дека во текот на утрешниот ден продолжуваат преговорите со премиерот Димитар Ковачевски околу кадровските решенија.

„Најверојатно утре ќе имаме состанок со Ковачевски по што веќе синхронизираните програми ќе ги потпишеме и можеби утре ќе се дадат имињата за можни идни министри и заменици министри. Има и директорски места меѓутоа јас не би влегол во таква дискусија сега. Прво да се избере Владата после тоа ќе ги назначиме нашите директори. Во периодот што е пред нас ќе се знаат и кои се институциите со коишто ќе раководи АА. Нашата мисија оваа година е да ја направиме разликата во раководење со одредни институциии и се надевам да се постигне целта на нашата мисија“, истакна Таравари на прес-конференцијата по состанокот на Централното  претседателство.

Партискиот лидер рече дека не знае точно кога би можело да има избор на нова Влада и дека тоа ќе биде согласно процедурите.

 

Во исто време заседаваше и Централниот одбор на СДСМ кој го одобрил влезот на Алијанса за Албанците во владата.

Како што рече портпаролот на партијата по седницата, Богданка Кузеска, кадровското освежување ќе доведе до нов импулс и квалитет на животот на граѓаните. ЦО на СДСМ го овластил партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата.

Кузеска рече дека СДСМ го задржува бројот на министри како досега, а наскоро може да се очекува Ковачевски да излезе со решенијата кои ќе значат и реконструкција на Владата.

Кузеска предупреди дека „опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да нѐ испратат во изолација и сиромаштија“.

„Денеска можеме да објавиме дека се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ. ЦО на СДСМ го овласти претседателот на партијата Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата. Со принципите на платформата за соработка со Алијанса за Албанците кои денеска ги одобри Централниот одбор, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите“, истакна Кузеска.

Според неа, кадровското освежување ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ во интерес на сите граѓани и иднината на земјата, а се отвора можност и за соработка на локално ниво во општините и советите.

ЦО го овластиле претседателот на партијата , Димитар Ковачевски да започне со кадровските решенија со партијата на Таравари.