Таксата за јаглерод диоксид ќе ја зголеми цената на струјата од нашите ТЕЦ за 60-70 евра за мегават час


Цената на струјата од домашните термоцентрали би можела да се зголеми за 60 евра за мегават час, доколку од 1 јануари 2026 година почне да се применува таксата на Европската унија за производство на електрична енергија од фосилни горива за земјите од регионот. Или, доколку се примени другиот пристап, со дополнителни такси би се обременувал секој производ од земјава што би се извезувал во ЕУ. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека ова би претставувало сериозен товар за домашната економија, и се залага за одложување на оваа мерка или пак, доколку се примени, да се побара финансиска помош од Европската комисија, слично како што ја добиваат и земјите членки на Унијата.

„Треба да се направат анализи дали воопшто е потребно тоа драстисчно да започне од 1 јануари 2026 година за нашиот регион, имајќи предвид дека домашното производство на електрична енергија во Македонија, во БиХ, во Србија, во Косово и во Црна Гора се базира пред се на термоелектраните и тоа би претставувало сериозен притисок врз самите економии. Имаме речиси повеќе од една година кога треба отворено со анализи да дискутираме и со претставниците на ЕУ, за начинот кога и како да се применат овие обврски од страна на земјите во регионот“, изјави денес на прес конференција Бислимоски.

Тој смета дека не треба да почне примената на оваа мерка, но доколку се реши да се примени од 1 јануари 2026 година тогаш ќе биде неопходна сериозна финансиска инјекција од страна на Европската комисија, на ист начин како што се третирани и земјите членки на ЕУ.

Регулаторната комисија за енергетика инаку, е коорганизатор на Експертската мисија TAIEX во рамки на европскиот проект на кој што се разговара за имплементирање на пакетот за чиста енергија и на пакетот за интеграција на пазарите на електрична енергија кои што се однесуваат пред се на поврзување на пазарите на електрична енергија и во земји членки на ЕУ и земји кои што не се членки на Унијата.

„Денес во рамки на Балкан енерџи скул кој што е основан од регулатори од Балканот вклучувајќи ја и РКЕ ни ги  презентираат искуствата во земјите членки, пред се во Италија и во Грција“, вели Бислимоски.

Македонија превзема обврски пакетот за чиста енергија и пакетот за интеграција на пазарите на електрична енергија уште со министерската одлука кон крајот на 2022 година да ги имплементира во текот на 2023 година и во почетокот на 2024 година.

„Ова ќе ни биде битно да ги видиме искуствата и особено искуството кое што ќе се однесува на начинот на воведување на таксата за ЦО2 емисии“, рече Бислимоски.

Тој појасни дека земјите од регионот имаат обврска да ја имплементираат мерката од 1 јануари 2026 година.

„Во изминатиот период имавме комуникации со регулаторните тела од аспект на цена и со министерсвата за енергетика и тоа е сериозна реформа во однос на воведувањето на оваа такса за ЦО2“, вели Бислимоски.

Тој посочува дека при примена на таксата за јаглероден диоксид има два пристапа. Еден пристап е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, што значи дека за 60-70 евра за мегават час би се зголемила цената на вака произведената електрична енергија, а вториот пристап е за секој производ од Македонија кој што ќе се извезува во земја членка на ЕУ да се воведе дополнителна такса.

Бислимоски смета дека сите земји од регионот направија многу да го имплементират европското законодавство кое во одреден дел од примената ги чинело и финансиски средства.

„Ова и од финансиски аспект може да направи многу проблеми и земјите од регионот да ги изложи на дополнителни трошоци. Сметам дека треба отворено да разговараме и доколку се реши да почне примената од 1 јануари 2026 година, да добиеме финансиски средства, помош од ЕК, како што го имаат тоа право сите земји членки на Унијата“, нагласи Бислимоски.

Тој додава дека колку е помало производството од термоелектрани или од когенеративни централи на гас, трошоците се помали.

„Факт е дека ние во Македонија влеговме сериозно во зелената транзиција, покажуваме резултати. До крајот на годината верувам дека ќе имаме помеѓу 950 и илјада мегавати нови инсталирани обвновливи извори на енергија, трите блока во РЕК Битола иако имаат вкупен капацитет од 700 мегавати, реално работат со капацитет од 450 – 480 мегавати што значи де факто како еден блок да имаме исклучено. Исто така, ТЕЦ Осломеј повеќе не работи отколку што работи, така да ние сме на добар пат. Но, ќе треба да се обезбедат и финансии и начини оваа базна енергија што ќе ја изгубиме од термоелектраните, како ќе ја замениме со друга базна енергија. Базна енергија може да дадат когенеративни централи кои што произведуваат електрична енергија и топлинска енергија или пак изградба на големи хидроелектрани, но за тоа треба време“, вели Бислимоски.

Тој е убеден дека Европската унија ќе го препознае напредокот кој што го прави и Македонија и земјите од регионот во однос на зелената транзиција. (М.Ј.)