Така се реконструира во Кисела Вода: Колите на тротоари, пешаците на улица


Тротоарите се за автомобилите на улицата „Георги Димитров“ (Фото: Независен)

 

Општината Кисела Вода ги избрка пешаците на улица и им ги додели тротоарите на автомобилите на реконструираната улица „Георги Димитров“. Тоа е изгледа некаков нов стил во сфаќањето на безбедноста на луѓето, особено откако почна пробниот период на системот на МВР „Безбеден град“.

Улицата „Георги Димитров“, кој оди од студентскиот дом „Пелагонија“ и надолу кон Домот на слепите беше ставена под режим на реконструкција уште од пролетва, во времето на тогашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Последниот дел за асфалтирање беше завршен минатата недела. Асфалтот е убав, пешаците по него нема да се сопнуваат.

Каква идеја имале планерите и сообраќајните експерти, а и како размислувал тогашниот градоначалник Ѓорѓиевски кога дал одобрение за реконструкцијата по која пешаците треба да бидат избркани на улицата, не е само урбано, туку и безбедносно прашање. Ако Ѓорѓиевски го правел тоа во Кисела Вода, можеби ќе го прави и на ниво на цело Скопје.

И тротоарот пред градинката е за автомобили (Фото: Независен)

Плус, тротоарот им е препуштен на колите и пред градинката што се наоѓа на улицата. И децата треба да одат по асфалтот наместо на тротоарот.

Ваквите реконструкции на улиците и скандалозни безбедносни и сообраќајни решенија се во целосна дискрепанца со начинот на кој во градовите низ Европа се решава намалувањето на брзината на сообраќајниците. „Георги Димитров“ на еден дел е претворена колку една лента од „Партизанска“, па дури и поширока. Мора да им се обезбеди „простор за дишење“ на автомобилите, а на пешаците простор каде е можно да бидат повредени. Во европските градови брзината на возењето се намалува со стеснување на улиците – кај нас обратно: се шират улиците да се зголеми брзината на автомобилите.

Сѐ за неговото височество автомобилот (Фото: Независен)

Новата градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, само го наследи проектот за реконструкцијата на „Георги Димитров“ и го доврши онака како што беше планирано. Проблемот ќе биде уште поголем ако ваквите идеи и проекти Орце Ѓорѓиевски ги пренесе и почне да ги спроведува во Скопје. Е, тогаш, главниот град и неговите жители ќе имат проблем. Голем проблем. (Н.В.)