Тачи: Овие што го поддржаа Блерим Река за кандидат шират лажен патриотизам
Демократската партија на Албанците во тетовската населба Горна Чаршија одржа средба со граѓани на која партискиот лидер Мендух Тачи и потпретседателот Бардиљ Даути ги повикаа присутните да дадат поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Двајцата посочија дека со тоа се оддава поддршка и на меѓународната заедница која помогнала да се остварат досегашните политички резултати.
-Важен е моментот и насоката на давање поддршка на претседателскиот кандидат, а во овој случај тоа значи определбa на Албанците за ЕУ и НАТО интеграциите. Овие што го поддржаа Блерим Река за кандидат шират лажен патриотизам, ние имавме кандидат Илјаз Халими во 2014 година, но не го гласаа. Ние застанавме зад консензуалниот начин на носење одлуки како за сега за претседателските избори, така и за во иднина според нашите определби, консензуално да се одлучува во Собранието и за рамноправна распределба на буџетот, рече Тачи.
Потпретседателот на партијата, Даути рече дека со овој избор на претседателски кандидат членовите на ДПА прават чекор кон реализирање на идеолошката ориентација кон ЕУ и НАТО.