Тачи: Не ги слушајте другите што зборат, изборот за Пендаровски е во насока на евроатлантски интеграции

Демократската партија на Албанците (ДПА) го одржа последниот митинг во Тетово, каде беше истакната поддршката за претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

Претседателот на партијата Мендух Тачи посочи дека изборот за Пендаровски е во насока на евроатлантските интеграции и соработката на партијата со меѓународната заедница.

– Работев со Пендаровски кога беше претседател Борис Трајковски. Многумина ме прашуваат дали нема да се смени Пендаровски кога ќе добие на избори. Јас ви ветувам дека НАТО интеграцијата ќе се реализира. Овие претседателски избори се многу важни и не ги слушајте другите што зборат. Ние водиме една умна политика со која ги чуваме домовите и семејствата и горди сме на тоа. Јас овој избор го сметам за успех и за вистинскиот пат по кој чекори ДПА, истакна Тачи.

Потпретседателот на ДПА Бардиљ Даути на присутните им порача дека во рамки на интегрирањето на државата кон НАТО и Европската Унија е важно да се поддржи кандидатот Стево Пендаровски.

– ДПА не е конфузна, ДПА е многу јасна за интегрирање во НАТО и ЕУ, рече Даути.

Со слични политички ставови и насоки за гласање на претседателските избори во недела зборуваа и поголем број партиски функционери од локалните ограноци на ДПА.