Таа беше киднапирана како бебе во 1971. Семејството конечно ја пронајде жива

Мелиса Хајсмит беше киднапирана од нејзината бебиситерка кога имаше само една година. Семејството никогаш не се откажа од потрагата


Мелиса Хајсмит и нејзините родители по обединувањето

 

Повеќе од 50 години откако нејзината бебиситерка ја киднапираше како бебе во Тексас, една американска жена повторно се соедини со своето семејство, кое ја следеше нивната исчезната сакана со ДНК тест и без помош од органите на редот или друга надворешна вмешаност.

Неверојатната сага фокусирана на исчезнувањето на Мелиса Хајсмит заврши во саботата во Јужна Каролина, според извештајот на телевизиската станица во Чарлстон WCIV, како и соопштението на нејзиното семејство.

Хајсмит имала една година во Форт Ворт, Тексас, во 1971 година, кога нејзината мајка, Алта Апантенко, објавила оглас во весник во кој барала бебиситерка. Растејчи ја Мелиса сама и имајќи потреба од некој да се грижи за нејзината ќерка додека таа е на работа, Апантенко најми жена која изрази интерес за работата без воопшто да се сретне со неа лично.

Цимерот на Апатенко ја предал Мелиса на бебиситерката, која наводно ја киднапирала и никогаш не ја вратила.

Најблиските на Хајсмит го пријавиле нејзиното исчезнување во полиција и никогаш не ја заборавиле повеќе од половина век оттогаш, дури и организирале роденденски забави за неа секој ноември. Неодамна, тие исто така организираа страница на Фејсбук со име „Пронаоѓање на Мелиса Хајсмит“ и побараа помош да ја најдат нивната исчезната роднина.

Потоа, во септември, најблиските на Хајсмит добија анонимна дојава дека таа е околу Чарлстон, што е повеќе од 1.800 километри од Форт Ворт, објави WCIV. Семејството ги искористи резултатите од ДНК тестот 23andMe, роден белег на Мелиса и нејзиниот роденден за да потврди дека таа навистина е девојката што им била одземена пред 51 година.

Во саботата, за време на прославата во семејната црква во Форт Ворт, Мелиса повторно се соедини со нејзината мајка, нејзиниот татко и двајца од нејзините четири браќа и сестри, се вели во соопштението на групата.

„Не можев да престанам да плачам“, рече сестрата Викторија Гарнер во изјавата. „Бев пресреќна и сè уште шетам во магла обидувајќи се да сфатам дека мојата сестра [беше] точно пред мене и дека ја најдовме“.

Во изјавата на семејството, друга сестра – Шерон Хајсмит, која живее во Шпанија и планира да се сретне со Мелиса овој Божик – опиша како нејзините роднини се обратиле до службениците за спроведување на законот за помош. Но, нивната сопствена приватна потрага по Мелиса, која го вклучи и тестот 23andMe, ги даде резултатите.

Шерон Хајсмит рече дека нејзиното семејство се поврзало со клинички лабораториски научник и аматерски генеалог по име Лиза Џо Шиле за да им помогне во толкувањето на клучните резултати од ДНК и ископувањето јавно достапни записи за лоцирање на Мелиса.

„Нашето семејство претрпе од рацете на агенциите кои лошо го менаџираа овој случај“, рече Шерон Хајсмит. „Во моментов сакаме само да ја запознаеме Мелиса, да ѝ посакаме добредојде во семејството и да надоместиме за 50 години изгубено време“.

Во понеделникот не беше јасно што стана со бејбиситерката.

Шерон Хајсмит рече дека е особено благодарна за нејзината мајка, која – покрај тоа што беше скршена од вина по исчезнувањето на Мелиса – се соочила со обвинувања дека најверојатно ја убила нејзината исчезната ќерка и го сокрила злосторството.

„Мајка ми го направи најдоброто што можеше со ограничените ресурси што ги имаше – не можеше да ризикува да добие отказ, па ѝ веруваше на личноста која рече дека ќе се грижи за нејзиното дете“, се вели во изјавата на Шерон Хајсмит. „Благодарна сум… имаме оправдување за мајка ми“.

Во семејната изјава се вели дека мајката на Мелиса, нејзиниот татко Џефри Хајсмит и нејзините браќа и сестри – Гарнер, Шерон Хајсмит, Ребека Дел Боске и Џеф Хајсмит – имаат едноставна порака за луѓето кои бараат исчезнати сакани.

„Никогаш не откажувајте се“, се вели во соопштението. „Истражете ја секоја трага“. (Гардијан)