СЗО: Болниците во Европа наскоро би можеле да ги достигнат максималните капацитети
Зголемениот број случаи со корона вирус во Европа наскоро може да ги исполни капацитетите на многу болници, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„Изминатава недела бројот на пријавени случаи со корона вирус во Европа беше речиси три пати поголем отколку во екот на пандемијата во првиот бран во март“, изјави лидерот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус на прес-конференција во Женева, јавија агенциите.
Но, бројот на жртвите од КОВИД-19 е далеку под нивото на март, рече тој.
Сепак, Тедрос предупреди дека „бројот на хоспитализации се зголемува, и многу градови известуваат дека за неколку недели ќе се пополнат капацитетите за интензивна нега“.
Овој тренд ја загрижува СЗО бидејќи сезоната на грип на Северната хемисфера исто така ќе ја зголеми потребата за болнички кревети.
Тедрос рече дека земјите треба да усвојат единствен пристап кон ковидот и грипот, бидејќи и двете болести можат да бидат поразени со истата стратегија – држење дистанца , чисти раце, маски и добро проветрени простори.
Со оглед што во некои земји нема доволно вакцини против грип, СЗО препорачува да им се даде приоритет на здравствените работници и на старите лица.