СВР Тетово со aпел да не се пука по свадби, казните се од 100 до 250 евра


Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од пукање, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје. Апелот следува со оглед дека во текот на овој и наредните два месеци, јули и август, на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености, најмногу во угостителски објекти.

-Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека пукањето и самоволното приредување на огномети е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваквите видови прекршоци, согласно членовите 31 и 32 се движи од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“,  за кое согласно член 288 од Кривичниот законик предвидена е и затворска казна од шест месеци до пет години, вели портпаролот Марјан Јосифоски.

На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните  организатори навреме да ги спроведат  пропишаните превентивни мерки.