Светска банка: Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија и Србија


 Политиките насочени кон зајакнување на социјалното вклучување на ЛГБТИ заедницата би можеле да помогнат во градењето на поправедни и рамноправни општества и корист да имаат економиите на Северна Македонија и Србија, се оценува во најновиот извештај на Светска банка.

Според Светска банка, годишниот бруто домашен производ (БДП) на двете земји би се зголемил во просек за 0,6 отсто или вкупно 360 милиони американски долари, доколку се намалат бариерите за влез на пазарот на трудот за овие лица.

Извештајот на Светска банка покажува дека и Северна Македонија и Србија имаат воведено важни реформи со кои ги штитат правата на ЛГБТИ заедницата, но сепак овие лица продолжуваат да се соочуваат со дискриминација, при што ЛБГТИ лицата во Србија сè уште се со поголема веројатност да бидат економски обесправени споредено со општата популација, додека едно од седум ЛГБТИ лица во Северна Македонија сè уште се соочува со дискриминација на работното место при вработување, отпуштање и професионално напредување.

– За земјите да го постигнат својот целосен развоен потенцијал, вклучувањето е од суштинско значење. Пристапот до основните услуги и пазари и можноста за достоинствен живот се темелите на успешниот и одржлив развој, истакнува директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шаочинг Ју.

Според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дискриминацијата на членовите на ЛГБТ+ заедницата, не ги повредува само луѓето на индивидуално ниво, туку има негативен ефект и на нивните семејства, заедницата и пошироко.

– Со тоа се предизвикува изложеност на општеството како целина на социјална и економска штета. Исклученоста од општеството, дискриминацијата, потиснувањето на капацитетите на еден поединец и обесхрабрувањето на неговата вредност и таленти, негативно влијае врз целокупниот систем, истакна Тренчевска на денешната панел дискусија „Економската цена за исклучување врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и изразување и половите карактеристики на пазарот на трудот во Република Северна Македонија“, организирана од Светска Банка.

Тренчевска повика на активно вклучување на овие лица во општеството со цел побезбедно и поинклузивно општество, во кое човековите права на сите граѓани, вклучително и на ЛГБТИ+ луѓето, треба да бидат соодветно заштитени. Посочи дека во земјава е донесен Законот за спречување и заштита од дискриминација во кој за првпат како заштитени основи за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Формирано е и Национално координативно тело за недискриминација и еднаквост, со цел промовирање на концептот за недискриминација и еднакви можности.

– Убавината на мозаикот ја прават различностите. Градиме општество што се темели на еднаквост, слобода и правда. Нашата цел е секој да се чувствува слободно во избор на својата ориентација, професија, остварување на својата визија. Општество кое ќе интегрира, а нема да дискриминира, истакна Тренчевска.