Светот во 2020: Американците избраа единство место поделби

Во годината кога САД се соочија со здравствена, економска, но и културолошка криза, се одржаа претседателските избори на кои се одлучуваше кој ќе биде станарот на Белата куќа во следните четири години. На 4 ноември се одржаа изборите, на кои Американците во поголем број гласаа за обединетост и емпатија наспроти поделби и навреди. Политичките аналитичари оценуваат дека победата на демократот Џо Бајден и Камала Харис, која ќе биде првата жена и воедно првата Афроамериканка, со азиско потекло на позицијата потпретседател, се случи бидејќи тие сериозно ја сфатија загриженоста на Американците.

За време на предизборната кампања, Бајден испрати порака која беше во целосна спротивност со пораката на американскиот претседател Доналд Трамп. Самиот Трамп беше заразен со коронавирусот, но на прес-конференција, по враќањето во Белата куќа, рече дека никој не смее да дозволи болеста да го „контролира“ и дека никој не смее да има „страв“ од тоа. Наспроти тоа, Бајден ги охрабрува луѓето да носат маски, да одржуваат физичка дистанца и да ги почитуваат епидемолошките мерки.

Воедно, Бајден покажа сочуство и дека нема страв да ја подели тагата со странци. А Бајден добро ја познава тагата. Тој знае што значи да се изгуби брачен другар, да се погреба сопствено дете, и тоа двапати. Во 1972 година, на возраст од 29 години му се случи трагедија која во целост го промени: неговата сопруга Нила и нивната 11-годишна ќерка Наоми загинаа во автомобилска несреќа, а синовите Бо и Хантер беа тешко повредени. Непосредно пред тоа, тој победи во сенаторската трка, а заклетвата ја положи во болницата каде бдееше над неговите синови. Неговата сестра Валерија се пресели кај него за да му помогне со децата. Таа остана до 1977 година, кога Џо се ожени со сегашната сопруга Џил Јејкобс, со која ја има ќерката Ешли. Децении потоа, судбината му зададе нов удар. Во 2015 година Бајден беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама. Во моментите кога работеше на закон со кој се обезбедува здравствена заштита за милиони семејства со ниски примања, неговиот постар син Бо почина од тумор на мозокот. Иако беше планирано да се кандидира на претседателските избори во 2016 година, тој одлучи да остане со своето семејство. Само неколку дена пред крајот на неговиот мандат како потпретседател, Обама му додели Медал на слободата. „Да се ​​познава Џо Бајден значи да се познава вистинска љубов, да се служи без резерва и да се живее во изобилство“, рече Обама.

Бајден е познат по тоа што може да работи добро со колегите дури и кога тие имаат поинакво мислење од него. – Тој е човек на Конгресот, тој е дел од него долго време и добро се сложува со сите, изјави за Дојче веле политикологот Брус Букан. – Тешко е да се најде некој во Вашингтон, кој навистина не го сака Џо Бајден. За него се вели дека со години работел многу добро со републиканците во Конгресот, дека не е идеолог и дека може да биде многу симпатичен, пријателски настроен, вели Букан, професор во Универзитет во Тексас во Остин.

За неговиот карактер зборува и суштината на неговиот победнички говор, кога рече дека ќе биде „претседател кој обединува, а не што ќе прави поделби“.

– Време е да ставиме крај на острата реторика, да ја снижиме температурата, да се видиме едни со други, да се слушаме повторно … и да одиме напред, мора да престанеме да се однесуваме кон нашите противници како кон непријатели. Тие не се наши непријатели. Тие се Американци, рече Бајден во својот победнички говор.

Потпретседателката Камала Харис рече дека таа е првата жена што стапува на функцијата, но „не и последната“. – Знам дека времињата се предизвикувачки, особено во последните месеци. Сепак, вие избравте надеж, единство, пристојност, наука и вистина, го избравте Џо Бајден за следен претседател на САД, рече Харис. Покрај тоа што е првата црна жена на избирачкото ливче, Камала Харис е, исто така, прва Индијка Американка. Нејзината мајка Шјамала Гопалан е родена во Ченаи и имигрирала во САД за својата докторска програма на Универзитетот Беркли. Како и Барак Обама, наследството од мешана раса ѝ овозможи на Харис да се поврзе преку идентитетите и да дојде до повеќе публика и гласаччки блокови.

Од друга страна, Трамп, се уште не го признал поразот. Упорно тврди дека се случила голема изборна измама, иако досега не понуди ниту еден доказ за тоа. Речиси сите судски инстанци, каде се обиде да ги оспори резултатите, ги одбија неговите жалби. Трамп е првиот претседател од 1992 година кој не освои втор мандат, а само десетти во американската историја.

Губитникот на претседателски избори во САД јавно го признава поразот– тоа е традиција уште од 1896. Признавањето на изборниот пораз во САД, уште од 1796 година е дел од мирното примопредавање на власта. Тогаш по првпат партии настапиле со свои кандидати на претседателските избори и федералистот Џон Адамс го поразил Томас Џеферсон од Демократско-републиканската партија. Традицијата, јавно да се признае изборен пораз ја започнал демократот Вилјам Џенингс Брајан во 1896 година. Откако загубил на изборите од републиканецот Вилјам МекКинли, Брајан му испратил телеграма со текстот: „Прими искрени честитки. Му го поставивме прашањето на американскиот народ и нивната волја е закон.“

Републиканскиот претседател Доналд Трамп– човек секогаш подготвен за судски спор кој никогаш не признава пораз– актуелните претседателски избори ги нарече „измама“ и најави дека ќе ги искористи сите законски средства против ваквиот резултат со цел да остане на власт.

Изборниот систем во САД е единствен, бидејќи не мора да победи кандидатот кој ќе освои најмногу гласови на ниво на целата земја, туку оној кој „собира“ најмалку 270 од 538 т.н. електорски гласови. Гласачите не гласаа директно за Трамп (74) или Бајден (77), туку избираат електори (гласачи), демократи или републиканци, кои во декември формално бираат претседател (Изборен колеџ). Бидејќи овој чин е формалност, победникот најчесто се знае веднаш по изборите. Иако Трамп навести дека ќе го признае поразот откако Изборниот колеџ ќе ги потврди резултатите, тоа не се случи. А Изборниот колеџ го кажа своето: Бајден освои 306 наспроти Трамп, кој доби 232 електорски гласови.

Американските изборни власти соопштија дека не се пронајдени докази за изгубени или изменети гласачки ливчиња, ниту за хакирани системи за гласање, додавајќи дека „изборите на 3 ноември беа најбезбедните во историјата на САД“. „Нема докази дека системот за гласање ги избришал, изгубил или изменил гласачките ливчиња, ниту дека бил хакиран на кој било начин“, беше наведено во заедничкото соопштение на надлежните власти, меѓу кои и Агенцијата за кибер безбедност при Министерството за внатрешна безбедност на САД. Надлежните агенции соопштија дека имаат „апсолутна доверба во безбедноста и интегритетот на изборите во САД“.

Тоа што Трамп не ги признава резултатите од изборите не би требало никого да изненади. Тој и за време на кампањата рече дека доколку изгуби, нема да ги прифати резултатите.

Светот беше во исчекување

А светот будно ги следеше изборите во САД. Според едно истражување спроведено во 13 земји од страна на истражувачкиот центар Пју, Трамп не сторил многу за имиџот на САД во светот. Во многу европски земји, процентот на јавноста со позитивно мислење за Америка е на најниско ниво во скоро 20 години. Во Велика Британија, 41 процент од граѓаните имаат позитивно мислење, додека во Франција е 31 процент, најнизок од 2003 година, а во Германија само 26 проценти.

Една од темите на која меѓународната заедница посебно внимава се климатските промени. А тешко е да се осознае што Трамп мисли за тоа, бидејќи некогаш ги нарекува „скапа измама“, а некогаш „сериозна тема која лично ми е многу важна“. Веројатно поважно од заборовите се делата, а факт е дека тој ги повлече САД од Парискиот климатски договор, склучен во 2015 година и со кој 200 држави се обврзаа дека ќе го задржи растот на температурата на помалку од два Целзиусови степени. САД се втор по големина емитер на стакленички гасови по Кина, а аналитичарите стравуваа дека доколку Трамп беше реизбран, може да стане невозможно да се одржи глобалното затоплување под контрола. Отфрлајќи го Парискиот договор, американскиот претседател изјави дека тој „почнал да ги задушува американските производители со прекумерни регулаторни ограничувања“.

Исто така, Трамп почна „војна“ против имиграцијата, само неколку дена откако беше инаугуриран, затворајќи ги американските граници за патниците од седум држави со мнозинско муслиманско население. Дојде и до општо намалување на бројот на визи што им овозможуваат на луѓето да се населат трајно во САД – особено за роднините на оние што веќе живеат таму. Ако постои симбол на политиката на Трамп кон имиграцијата, тогаш тоа е секако „големиот, убав ѕид“ што тој вети дека ќе го изгради на границата со Мексико.

 

 

Трамп покрена и крупни безбедносни прашања во Азија. Влезе во трговска војна со Кина, а Јапонија и Јужна Кореја ги издвои како земји кои премногу се потпираат на САД. Дури изјави дека тие би имале корист од сопствен нуклеарен арсенал. А тука е и „најнепослушната“ држава во регионот, Северна Кореја, со која прво ги влоши односите, па ги поправи, за сега да се во некаква состојба на мирување. Малкумина можеа да предвидат дека Трамп и Ким Џонг Ун ќе станат првите лидери на САД и Северна Кореја што ќе се сретнат лично. Трамп го нарекуваше Ким „Малиот ракетен човек“ кој може да им се закани на САД, за само две години подоцна  да се ракува со него за време на историскиот билатерален состанок во 2018 година во Сингапур. После тоа, двајцата државници се состанаа уште неколку пати, но нивните средби напредуваа малку откако нивниот втор состанок во Виетнам, заврши без да се постигне договор по спорот за санкциите наметнати од САД врз Северна Кореја.

Од почетокот на мандатот, реториката наТрамп кон Кина е воинствена, а таа се интензивираше во претходната година поради пандемијата на коронавирус, што американскиот претседател го нарекува кинески вирус. Тој ја обвини Кина за измама на Светската здравствена организација во раната фаза на пандемијата. Тој исто така тврди дека Кинезите имале несоодветно влијание врз СЗО и ги повтори заканите од 2018 година дека САД ќе го повлечат членството во таа организација и ќе ја повлечат финансиската поддршка, што и се случи во текот на летото.

„Единствено Иран ќе биде одговорен за загубата на животи или штета на кој било наш објект. Тој ќе плати многу ВИСОКА ЦЕНА! Ова не е предупредување, ова е закана“, порача Трамп на новогодишната ноќ во 2019 година.„Среќна Нова година!“ Само неколку дена подоцна, шокирајќи ја целата планета, САД го убија Касем Сулејмани, најмоќниот ирански генерал и човекот кој ги водеше нивните воени операции на Блискиот исток. Иран возврати со истрелување на повеќе од десетина балистички ракети кон две американски бази во Ирак. Повеќе од 100 американски војници беа ранети, а аналитичарите проценуваа дека двете земји се на раб на војна. САД и Иран имаат долга историја на нетрпеливост, но тензиите се подигнаа на ново ниво кога во мај 2018 година Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година, согласно кој Техеран се сложи да го ограничи својот пристап до нуклеарно оружје во замена за укинување на економските санкции.

Во своите критики, Трамп не ја поштеди ниту Северноатлантската Алијанса, камен темелник на американската надворешна политика повеќе од 60 години. Тој ја нападна организацијата како „застарена“, а нејзините членки ги оквалификува како неблагодарни сојузници кои извлекуваат корист од американската дарежливост.

– Мислам дека „лажен“е еден од најдобрите термини што ги смислив, рече Доналд Трамп во едно интервју во октомври 2017 година. Иако Трамп дефинитивно не го смислил изразот „лажни вести“, слободно може да се каже дека тој го популаризираше. Тој често ги обвинуваше мејнстрим медиумите за „лажни вести“, секојпат кога беше критикуван. Но тој ги донесе „лажните вести“, кои сега имаат значење не само на неточни, туку и на дезинформации, како и изјави кои погрешно наведуваат, на сосема друго ниво. Според Факт чекер, Трамп имал такви изјави, во просек 50 пати на ден. Неговите лажни изјави се однесуваа на многу работи, меѓу кои импичментот, ѕидот кон Мексико, коронавирусот (меѓу кои отскокнуваа сугестија дека употребата на избелувач би можела да помогне во борбата против Ковид-19), до изборите и изборните резултати. Толку многу што ги принуди социјалните мрежи, меѓу кои Твитер и Фејсбук ваквите објави да ги означуваат како спорни или неточни.

Со доаѓањето на Бајден на власт, се очекува тој да направи целосен пресврт, како во реториката, така и во односите со меѓународната заедница. Се очекува да донесе засилување на надворешнополитичката позиција на Вашингтон насекаде низ светот, повторна изградба и зацврстување на односите со сојузниците и партнерите, а со многу поостра реторика и политики на санкции против Русија, кон која, според одредени аналитичари, Трамп бил попустлив.

Аналитичарите, исто така оценуваат дека заминувањето на Трамп од Белата куќа ќе се одрази на многу популисти и автократи во светот.

Четири години, човекот на чело на најмоќната земја на планетата служеше како поттик за лидерите кои важеа за „силни момци“ на светската сцена, честитајќи им за успесите и поддржувајќи ја нивната политика. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се претстави како „Трамп од тропските предели“ во предизборната кампања во 2018 година. Од одбивањето да носи маска додека беснееше коронавирусот во Бразил, до политиките на пазарот за кои екологистите тврдат дека ја уништува Амазонија, Болсонаро отсекогаш бил посветен следбеник на американскиот лидер – на почетокот на годината тој дури беше фотографиран како носи капа од изборната кампања на Трамп за 2020 година.

Но, далеку од тропските предели, „цврстите момци“ на Трамп вклучуваат лидери и од делови на Европа и светот.

Америка претежно зажмуруваше кога индискиот лидер Наренда Моди и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган беа цел на жестока критика од активисти за човекови права за кршење на основните слободи заради остварување на националистичките цели. Во случајот со Полска, Доналд Трамп беше многу повеќе од нем набудувач. Полската опозиција вели дека тој активно му помагал на својот фаворит за време на нивните избори. Тие велат дека Трамп му помогнал на конзервативниот полски претседател Анджеј Дуда да биде реизбран во јули, се сретнал со него и го фалел непосредно пред гласањето, како и со најавата за префрлање на американските трупи од Германија во Полска.

Но, сојузништво меѓу Трамп и европската десница е сведена на взаемна поддршка наместо на некои конкретни активности, вели професорот Кас Муде од универзитетот во Џорџија, автор на книгата „Крајната десница денес“ (2019). Унгарскиот премиер Виктор Орбан е на власт од 2010 година и го користи истиот политички учебник што анатемизира мигранти, ги разгорува поделбите во општеството, ги напаѓа медиумите и спинува лажни вести. – Најголемата помош на Трамп за Орбан, Дуда и Матео Салвини од Италија беше тоа што не ги критикуваше, со што ги нормализираше, изјави професорот Муде за Би-Би-Си. – Доминацијата на Трамп на меѓународната политичка сцена и неговата постојана радикализација го поместија скалилото, правејќи политичари и изјави што некогаш се перципираа како барем крајна десница, сега да се доживуваат како политички мејнстрим, вели тој. – Кога најмоќниот човек на светот и претседател на најважната демократија кажуваат такви работи, тие изгледаат нормално.

Однесувањето на Трамп кон американската крајна десница е една од најконтроверзните епизоди од неговиот претседателски мандат. Прво во септември, за време на првата претседателска дебата, претседателот одби да ги осуди сите бели супрематистички групи, за да го стори тоа подоцна, но неволно. Од него упорно беше барано да ја осуди групата Прауд Бојс, машка неофашистичка организација што ФБИ ја смета за „екстремистичка група“. Секој пат одби да го стори тоа. Тој само им порача „отстапете, но бидете подготвени“.

Политика на навреди

Неговата кампања во 2020 година, слично како онаа од 2016 година, се карактеризираше со „политика на навреди“ – постојано понижување и исмевање на противниците, според Оскар Винберг, коментатор на американската политика и истражувач на Универзитетот Або Академија во Финска.

Сепак, Винберг вели дека поразот на Трамп сугерира дека има ограничување до каде може да се стигне со тој политички стил.

– Кампањата на Трамп и неговата политика на навреди, обликувана од десничарски радио и кабелски вести, ја трансформираа и американската и меѓународната политика, најавувајќи ера на незавиена политика, изјави тој за Би-Би-Си.

-Но, како што 2016 година го покажа потенцијалот на политиката на Трамп да победи на изборите, така се чини дека 2020 година ги покажува нејзините ограничувања. И додека десничарските националисти ширум планетата го прифатија стилот на Трамп, многумина го немаат десниот медиумскиот естаблишмент, што е толку важен за успехот на Трамп, рече Винберг. Тој смета дека поразот на Трамп може да одекне низ целата планета, со тоа што лидерите сега можат да ја доведат во прашање привлечноста на политиката на навреди, злоупотреба на моќта и стилот на конфронтација

-Како претседател, Трамп обезбеди параван за лидерите насекаде. Заминувањето на Трамп од Белата куќа може да ги засили националните критики за политиките на навреди ширум светот .

Сега, кога Трамп веќе не е на глобална сцена, знак прашање виси над иднината на антиглобалистичките, анти-научни цели што зедоа залет во последните години. Некои се надеваат дека поразот на Трамп може да значи „почеток на крајот“ за десничарските популисти во странство, наведува Би Би Си.

Додека ја честиташе победата на Бајден, Доналд Туск, поранешен претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година, објави на Твитер: „Поразот на Трамп може да биде почеток на крајот на триумфот на ултрадесничарскиот популизам и во Европа“.

Поделено општество

Но, и покрај поразот на изборите, Трамп освои големи делови од земјата и покажа дека има нераскинлива врска со илјадници негови поддржувачи кои го обожаваат речиси како култна личност. Затоа, секоја анализа на неговите политички слабости во 2020 година, исто така, мора да ја земе предвид неговата политичка сила.

Додека многумина од неговата гласачка база веројатно ќе гласаа за него без разлика што да направеше, многумина од оние кои го поддржаа пред четири години, сега се предомислија поради неговото агресивно однесување. Доналд Трамп имаше посебен проблем со жените од приградските области. Многу високо образовани републиканци кои гласаа за него во 2016 година, иако тој беше неконвенционален кандидат, се предомислија за време на неговото претседателствување.

Трамп ги одби со својата агресивност, поттикнувајќи расни тензии, користејќи расистички јазик на Твитер, несоодветно осудувајќи ги белите супремисти, отфрлајќи ги традиционалните американски сојузници и восхитувајќи се на авторитарните лидери како Владимир Путин. Исто така, тој ги одби и со фалењето дека е „многу стабилен генијалец“, промовирајќи теории на заговор, користејќи сленг поради што некогаш звучеше и како гангстер, како случајот кога тој го нарече поранешниот адвокат Мајкл Коен стаорец. Потоа, тука е она што неговите критичари го нарекоа притаен авторитаризам, кој се појави на виделина по изборите кога тој одби да ги прифати резултатите, наведува Би Би Си.

По четири исцрпувачки години, многу гласачи сакаа претседател за кој не треба многу да размислуваат и кој ќе се однесува поконвенционално. Уморни од грд говор, инфантилни погрдни имиња и постојана конфронтација. Тие сакаа враќање на некаква нормалност.

Сепак, мора да се потенцира, дека тој освои многу повеќе гласови отколку во 2016 и е на второ место по добиени гласови во историјата на изборите, веднаш зад Џо Бајден. Истражувачот на јавното мислење Џон Зогби изјави дека републиканскиот кандидат добил 80 проценти гласови од гласачите кои како најважно го издвоиле економското закрепнување, а не управувањето со коронавирусот, а демократскиот кандидат ги добил гласовите на оние кои ја потенцираат расната нееднаквост.

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп освои мнозинскa поддршка од белците и луѓето постари од 65 години на претседателските избори во САД, додека неговиот демократски противкандидат Бајден победи убедливо меѓу жените, Афроамериканците, Хиспанците и Азијците, како и меѓу младите на возраст од 18 до 29 години, покажуваат анализите на изборните резултати.

Бајден, исто така доби убедлива поддршка меѓу гласачите кои сметаат дека новиот претседател мора да се справи со коронавирусот пред да се посвети на обнова на економијата. Бајден доби 49 проценти кај мажите, а Трамп 47 проценти. Кај жените, Бајден доби 57 проценти, а Трамп 42 проценти од гласовите.

Важен резултат за Бајден е и убедливата победа кај младите на возраст од 18 до 29 години. Според Зогби, Бајден го постигна речиси истиот резултат во таа категорија како поранешниот американски претседател Барак Обама, во чија администрација беше потпретседател. Како што се очекуваше, Трамп победи меѓу гласачите постари од 65 години, но со многу помала разлика отколку пред четири години. Трамп беше поддржан од 51 процент од лицата над 65 години, а Бајден од 48 проценти, додека на изборите во 2016 година, кандидатот на Републиканците имаше 10 проценти повеќе гласови од Хилари Клинтон во таа категорија.

Филозофката Сузан Најман, шефица на берлинскиот Ајнштајн Форум, одговори на прашањето на Дојче Веле за тоа дали претседателските избори во САД имаат добар исход? – Не е доволно добар, не очекував дека 71 милиони Американци кои во изминатите четири години го доживеаја шоуто Трамп ќе сакаат повторно да го гледаат. Тие 71 милиони се шок. И ситуацијата во Конгресот останува енормно тешка. Овој човек, кого Обама го нарече фашист, за малку ќе добиеше уште четири години. Цел свет ќе страдаше од тоа. Така погледнато, исходот беше добар, но не доволно добар. – Тој не знае за друго, освен својот материјален интерес. Не разбира дека луѓето може да дејствуваат и од други мотиви. Уште полоши се неговите фашистички методи: да пушташ теории на заговор во светот, да ги демонизираш медиумите како лажливци, правосудството да го злоупотребуваш за сопствено советување, да демонизираш секаков вид соработка, да ангажираш полицајци против луѓе кои мирно демонстрираат, сето тоа се фашистички методи, вели таа во изјава за Дојче Веле.

Европратеникот Сергеј Лагодински од германската Партија на Зелените верува дека на ЕУ ќе ѝ биде од помош ако Трамп веќе нема да може да ја држи својата заштитничка рака над популистите во Источна Европа. Тој ним им служеше како еден вид „алиби” за нивните политички застранувања. Со Бајден ќе се вратат проевропските политичари, кои се залагаат за соработка со Брисел, а не би преферирале само одделни европски престолнини.  „Сега, кога го нема ‘кумот’ од Вашингтон,  владеат подобрени предуслови во многу области”, вели европратеникот.

Лагодински во поразот на Трамп гледа „удар против популистичката интернационала”, истовремено предупредувајќи од преголема еуфорија: „Изборот ни овозможува пауза да земеме здив, но не ја растоварува Европа од извршување на нејзините домашни задачи”. Тоа се однесува во прв ред на поголема стратешка независност, поголема координација во надворешната и безбедносната политика, односот кон Кина и многу други нешта. Меѓутоа, слично со други набљудувачи, и Лагодински е уверен дека без Тројанскиот коњ од Вашингтон во форма на американски претседател кому главна цел му е разединување и слабеење на Европа, животот во ЕУ во целина може да биде нешто полесен.

Сепак, останува фактот дека Трамп доби седум милиони гласови повеќе отколку во 2016 година.

Голем дел од конзервативната црвена Америка ќе побара негово враќање. Тој ќе продолжи да биде доминантна фигура на конзервативното движење и во наредните години. Трамп ќе продолжи да биде поларизирачка личност и може да се кандидира повторно во 2024 година. Поделените сојузни држави нема одеднаш повторно да се обединат. И не само затоа што многу Американци ќе негуваат толку конфликтни чувства од обожавање до омраза кон Трамп. САД се уште не слушнале и виделе сè од нивниот последен најнеортодоксен претседател во историјата, наведува Би Би Си.

Бајден го порази Трамп, но не и трампизмот, кој може да има ист трансформативен ефект врз американските конзервативци како што се случи со реганизмот.