Свештеник уништи тикви издлабени од децата, малите во солзи: „Ги уништив симболите на сатанската забава!“

Мора да разберете дека моја должност како авторитет и свештеник е да ги штитам децата и семејствата од скриеното зло, рече Јаромир Смејкал


Чешкиот свештеник мораше да им се извини на децата од соседството, откако изгази тикви издлабени за Ноќта на вештерките оставени во близина на неговата црква.

Отец Јаромир Смејкал ги уништи портокаловите тикви со резбани очи и усти со кои традиционално се одбележува 31 октомври, датумот на кој заради забавата и слатките, децата најмногу се радуваат.

Меѓутоа, за некои, Ноќта на вештерките е пред сè наследство од античките, пагански времиња, а меѓу нив беше и еден свештеник кој отиде чекор понатаму во обид да ги спаси душите на невините деца од мрачните сили што демнат во традиционалната есенска забава што се прелеа од американските филмови до Источна Европа.

Јаромир Смејкал не стапнал случајно на тиквите. Имено, два дена по ред уништувал тикви во паркот во Курдејово, село во винарскиот регион во јужна Моравија. Откако бил фатен на дело, тој се извинил за вандализмот со тоа што испратил отворено писмо до началникот и го објавил на Фејсбук страницата на споменатото село. Свештеникот изјавил дека не би постапил како што постапил доколку знаел дека тиквите се издлабени од деца кои со нетрпение очекуваат да се забавуваат.

„Кога го напуштив ректоратот во неделата вечерта, видов неколку симболи на сатанистичкиот фестивал наречен Ноќта на вештерките поставени пред осветената земја“, ги објасни своите причини пасторот на црквата Свети Јован Крстител.

„Постапив следејќи ја мојата вера во мојата должност како татко и заштитник на децата што ми беа доверени и ги отстранив овие симболи“, напиша тој, објаснувајќи дека модерната традиција на Ноќта на вештерките била измислена во неверниот модерен свет како противтежа на католичкиот празник Сите светци.

Весникот „Брецлавски Деник“ прв објавил за попот и тиквите, а во својот извештај наведува дека тиквите биле издлабени од деца како дел од прославата организирана во селото. Наводно, некои вредни малечки плачеле кога ги виделе уништените тикви. Кога следниот ден беа поставени нови тикви во паркот, и тие ја имаа истата судбина. Пречесниот Смејкал рече дека неговата намера не била никому да наштети.

„Но, мора да разберете дека моја должност како авторитет и свештеник е да ги заштитам децата и семејствата од скриеното зло“, изјави свештеникот.

Чешка, за разлика од Полска, не е религиозна земја. Се смета дека е меѓу најмалку религиозните нации во светот. Меѓутоа, Сите светци не се слават само кај верниците, туку и кај атеистите. Сепак, верниците во Чешка сметаат дека традицијата сѐ повеќе се нагризува поради културниот увоз на комерцијализирани „празници“. А, Ноќта на вештерките го сметаат за еден од главните примери.