Свечена академија за годишнината на битолската Гимназија


 

БИТОЛА – Битолските гимназијалци се покажаа желни и жедни да рецитираат стихови од Кочо Рацин, Блаже Коневски, Радован Павловски, Анте Поповски… па и Шекспир, во една драмска форма,  на чист македонски јазик и да ја испратат пораката дека идентитетот на македонскиот народ е македонскиот јазик.

Бура од емоции, аплаузи и длабок наклон предизвика синоќешната театарско – музика изведба на претставата „Експериментум Македоникум“ на ученици од Горната гимназијата  во Битола, одиграна на свечената  академија по повод големиот јубилеј 80 години настава на современ македонски јазик. Надарени за глума, за пеење, за свирење, облечени во една симболична македонска народна носија, што зрачи со белина и чистота и од морален аспект, учениците покажаа на непресушната потреба од зачувување и негување на македонскиот јазик, на богатството на македонската литература, на предизвиците да се зачува македонскиот јазик и идентитет. Претставата беше во режија на ученичката Веда Мавровска, помогната од режисерот Софија Ристевска -Петрушевска.

На свечената академија присуствуваше претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова,  потенцирајќи дека првиот час на современ македонски јазик во училниците на битолската гимназија „Јосип Броз Тито“,  одекна како глас што се распламти, како светлина што го осветли патот на идните генерации. „Македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неразделен квартет, а гимназија е столб на знаењето, чувар и засолниште на јазикот, жигосуван, но никогаш непокорен“, рече Силјановска-Давкова.

„Тогаш во времињата на надеж, но и на неизвесност, кога сѐ уште се слушаше ехото на војната и нејзината сенка беше надвисната над татковината, оваа гимназија ја прифати својата историска мисија да биде светилник на македонскиот јазик, на македонската култура, на македонскиот национален идентитет. Така, по многу сцили и харибди, македонскиот јазик конечно и трајно во битолската гимназија доби своја куќа, свој дом, свој покрив“, истакна Силјановска Давкова.

На свеченоста присуствуваа и двајцата академици на МАНУ, ученици на битолската Гимназија, Живко Попов и Владо Камбовски, на кои им беа доделени плакети. (А.Б.)