Сунак доби поддршка од британскиот парламент за договорот за Северна Ирска


Британскиот премиер Риши Сунак денеска доби поддршка од Парламентот за клучниот елемент од ревидираниот договор за трговија со Северна Ирска по Брегзит и покрај противењето на најголемата унионистичка партија во Северна Ирска, ДУП, и некои конзервативни пратеници.

Сунак се договори со Европската унија да ја воведе „Стормонтската сопирачка“ со цел да ѝ даде на Северна Ирска поголема контрола врз прифаќањето на какви било нови закони на ЕУ, како дел од т.н. Виндзорска рамка.

Но, за време на денешното гласање во долниот дом на британскиот парламент, оние што тој најмногу сакаше да ги придобие – северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), некои конзервативни евроскептици од Европската истражувачка група (ЕРГ) и неговите претходници Борис Џонсон и Лиз Трас се побунија гласајќи против сопирачката.

И покрај тоа, Сунак победи на гласањето со 515 гласови за наспроти 29 против, но значителен број конзервативни пратеници беа воздржани. Опозициските партии гласаа за сопирачката.

Министрите на Сунак го поздравија резултатот од гласањето.

Сопирачката ѝ овозможува на Британија да спречи примена на нови европски закони за стоки во Северна Ирска, доколку тоа го побараат третина од пратениците во парламентот на Северна Ирска, Стормонт.