Судскиот совет јавно ја укори судијката Спировска-Панева што исклучила јавност од судење


 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција соопшти дека на 10 октомври годинава Судскиот совет донел дисциплинска мерка – јавен укор за судијката Јованка Спировска-Панева затоа што ѝ забранила на јавноста да следи рочиште во случајот „Фероинвест против медиумот ИРЛ“.

Во одлуката на Судскиот Совет е наведено дека, „исклучувањето на јавноста за време на судските рочишта претставува груба повреда на транспарентноста и правото на информирање, што е од суштинска важност за слободата на медиумите“.

Драган Секуловски, директор на ЗНМ, истакна дека со постапката на судијата за отстранување на новинарите од судница директно се напаѓа медиумската слобода, а одлукатана Судскиот совет ЗНМ ја смета за позитивен пример за заштита на слободата на изразување.

На 19 октомври 2023 година, ЗНМ поднесе претставка до Судскиот совет, барајќи одговорност од судијата Спировска-Панева поради исклучувањето на јавноста од рочиштето од овој случај, како и поведување на дисциплинска постапка. ЗНМ активно учествуваше на сите четири расправи пред комисијата составена од тројца судии.