Судска разврска за тепањата во парламентот


Случувањата во Собранието од 27 април годинава се движат кон судска разврска. Точно седум месеци подоцна, Основното јавно обвинителство ја заврши предистражната истрага и поднесе кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста против 36 лица. Меѓу нив има шест пратеници од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ во сегашниот парламентарен состав, ексминистри, началници на полицијата, актери, уметници и лица од јавниот живот. Обвинителството побара притвор за сите.

Тоа беше причина опозицијата да излезе на протест во кој се бараше ослободување на приведените, а се очекуваат и следни чекори. Во вонредното обраќање до јавноста, претседателот Ѓорѓе Иванов побара да престане реваншизмот и да преовладее разумот. Иванов порача дека и натаму ја поддржува иницијативата за „За заедничка Македонија“ и дека нејзините преставници не можат да бидат третирани како терористичка организација. Според него, акциите како оваа денес внесуваат страв и несигурност  и можат да доведат до политички тензии во државата. Тој нагласи дека мора да се почитуваат човековите права на обвинетите учесници во упадот во парламентот, одговорноста не  може да се генерализира и треба да се внимава на квалификациите на кривични дела.

Секојдневно до мене стигнуваат поплаки за политички реваншизам и загрижен сум“ – порача Иванов, повикувајќи ги институциите да го почитуваат Уставот.  

Акцијата на полицијата што уследи по налог на Обвинителство, започна рано наутро. Иако ниту МВР ниту ОЈО не соопштија имиња ниту детали од акцијата, според неофицијални информации, најпрво во пет часот наутро било чукнато на вратата од поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Веднаш потоа, следеле приведувања во домовите на пратениците Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов од „Македонското патриотско здружение Андов Јанев – Ќосето“, оперскиот пејач Игор Дурловски… Подоцна, еден по еден, во скопска „единица“ беа донесени пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, полицискиот началник Душко Лазаров, организаторите на движењето „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, кои секојдневно протестираа за „зачувување на унитарноста на Македонија“, а на крајот, како што беше кажано и Јохан Тарчуловски. Шестиот осомничен пратеник е поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски.

Последните информации говореа дека приведени се триесетина лица, додека по другите шест сѐ уште се трага. Извори од Обвинителство за „Независен“ брифираат дека истрагата е насочена кон пратениците што ги отвориле вратите од Собранието и им овозможиле на граѓаните да ги нападнат пратениците од спротивната политичка опција,потоа кон ексдиректорот на БЈБ и полициските началници, кои, наводно, не го спречиле инцидентот, граѓаните што ги извршиле насилствата, како и кон организаторите на секојдневните протести што на крајот завршија со „крвавиот четврток“.

Со часови траеше распитот на осомничените. Околу 18 часот, стигна вест дека завршил со распитот на Чавков и на уште половина од приведените. Потоа, во рок од шест часа требаше да биде донесена одлука за евентуално одредување притвор. Како што дознаваме, уште додека траел распитот, најмалку еден пратеник се повикал на пратеничкиот имунитет. Адвокатите што ги консултиравме велат дека пратеник не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Имајќи предвид дека притвор е побаран за сите 36 лица, тогаш извесно е дека ќе треба да заседава Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања пред парламентот за да донесе конечна одлука дали на некој од осомничените пратеници ќе им биде одземен мандатот. Од тие причини, доцна вечерта, Судот испрати барање за симнување на имунитетот на сите шестмина пратеници. Според информации од Собранието, барањата се пристигнати во Собранието, но се чека на претседателот на Парламентот Талат Џафери да се врати од патувањето во Шведска за тие да бидат отворени. Се очекува овие барања Џафери да ги достави до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, кој треба да закаже седница на која треба да се одлучува по нив. Тој веќе најави дека седница ќе закаже веднаш штом го добие известувањето од претседателот на парламентот што се очекува да биде извршено во текот на денешниот ден.

Горан Адамовски