Судењето за нападот врз Пендиков одложено за 5 април


 

Главната расправа од судењето против напаѓачот над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, е одложено за 5 април.

Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот рочиштето да се одложи и да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството. Нема доставено и адреса на оштетениот Пендиков, а обвинителите кажаа дека не знаат кога тој ќе може да дојде во судот поради здравствени причини.  

Судскиот процес во Основниот суд во Охрид го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот Илија Спасески ќе му се суди за крвично дело напад од омраза со тешки повреди.

Стефан Карамишевски, адвокатот на Пендиков, по рочишто изјави дека неговиот клиент ќе се појави пред охридскиот суд кога ќе треба да сведочи. Тој рече дека Пендиков не може да дојде засега поради здравствени проблеми, а по укажувањето дека давал интервју за бугарска телевизија пред неколку дена, одговори: „Не сум го гледал тоа интервју“. Пендиков засега не му ни дал адреса на неговиот адвокат. 

Обвинителството во Охрид поднесе обвинение против две лица за нападот врз Пендиков. Едниот обвинет досега се бранеше со молчење, и како што информираа претходно од Обвинителството, тој се товари за кривичното дело по увид во надзорните камери и изјави на сведоци. Вториот обвинет, пак, кој беше во бегство, беше приведен минатата недела во Битола.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Бугарските власти испратија авион со кој Пендиков беше транспортиран на лекување во Софија каде што се уште се наоѓа.