Субвенции за купување паркинг-место во Центар, предлага носителот на листа од ЛДП, Филип Јакимовски


Филип Јакимовски, роден и израснат во Општина Центар. Женет, татко на две деца. Магистер по правни науки, адвокат по професија со 15 годишно искуство во професијата, а сега носител на кандидатска листа за советници во Општина Центар поддржан од коалицијата „Искуство за успех“ формирана од политичките партии ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

Како жител на општина Центар веќе 39 години, Филип Јакимовски е човек кој најдобро ги познава проблемите и недостатоците на Општина Центар, кои најмногу се однесуваат на проблемот со заробените тротоари, заробени пешачки и велосипедски патеки, зачувување и проширување на зелените површини, изградба на нови паркови, проблемот со паркинг со кој жителите на Општина Центар секојдневно се соочуваат, обезбедување на слободни места во градинките на територијата на Општина Центар за дечињата жители на општината. 

Во продолжение прочитајте за што се залага тој:

  1. Слободни тротоари, слободни пешачки патеки и квалитетен јавен простор

Општина Центар треба да спроведе решителна акција за конечно ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставената урбана опрема, опрема за осветлување и знаци на пешачките патеки, целиот јавен простор односно пешачките патеки и тротоарите да бидат пошироки, лесно достапни и пристапни за сите граѓани на Општина Центар. Ослободувањето на тротоарите и пешачките патеки ќе се спроведе преку обезбедување и поставување на столпчиња на секој тротор односно пешачка патека, построги политики за јавно паркирање, урбана опрема и заштита на овие зони.

 

  1. Зачувување и проширување на зелените површини во борба против аерозагадувањето со издвојување на 10 милиони денари годишно од буџетот на општина Центар

Со цел борба против аерозагадувањето, потребно е на територијата на Општина Центар да се направат нови паркови онаму каде е тоа возможно, обновување на постоечките зелени површини, засадување на дрвја. Во овој процес може да се вклучат иницијативи како „зелени кровови“ или „мали урбани градини“.

  1. Субвенции за купување на паркинг место во новите станбени објекти на територија на Општина Центар, со цел ослободување на улиците од возила

Идејата е Општина Центар на секој кој купува стан – во градба на територијата на општината, општина Центар да му даде одреден износ како субвенција да купи паркинг место(внатрешно или надворешно) во станбениот објект кој се гради. Бидејќи цената на паркинг местата во последните 4 година е висока, односно истата е зголемена за 100% и изнесува 15.000 евра за едно внатрешно паркинг место, голем број на лица кои купуваат стан или деловен простор, се откажуваат од купување на паркинг место поради високата цена. Истите ги паркираат своите возила на улица каде веќе постои пренатрупаност и недостапност на паркинг места. Со ова би се овозможило паркинг место за секој жител на општината.

  1. Фотоволтаици на секоја јавна општинска установа

Доколку бидам дел од советот на Општина Центар, ќе доставам предлог со кој ќе побарам поставување на фотоволтаици на секоја јавна општинска зграда. Со ова ќе се обезбеди производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со што ќе се заштити животната средина и загадувањето на воздухот во околината, ќе се заштедат финансиски средства за секоја установа, средства кои ќе може да се пренаменат за други, корисни проекти на установата и ќе се овозможи продажба на вишоците на струја, со кои ќе се оствари дополнителен финансиски профит за институцијата.  Со отстранување на досегашните извори на енергија кои загадуваат и поставувањето на фотоволтаици, ќе се придонесе за поздрава и почиста животна средина. Со ваквиот предлог, сметам дека придобивките се повеќекратни и корисни за сите. Пресметките за досега поставените фотоволтаици покажуваат дека сметките за струја се намалиле помеѓу 50-60% и целокупната инвестиција за враќа за период од 5 до 6 години.

  1. Зголемување на партиципацијата во градинките во Општина Центар за 100% за децата кои не се жители на Општина Центар

Сведоци сме во секојдневието, дека градинките во Општина Центар се недостапни за децата кои се жители на општината. Идејата е да им се даде предност на децата кои се од општина Центар да имаат првенство при упишување во градинките на територијата на општина Центар, но и давање можност деца од други општини да ги пополнат местата кои се слободни но на начин што ќе плаќаат зголемен износ на партиципиција за секој месец, како би им се дало поголемо значење и предност на децата од општина Центар.