Студија: турските студенти ја отфрлаат религијата


Проектот на Ердоган за поголема исламизација произведе многу повеќе атеисти, деисти и феминистки

Младите луѓе повеќе сакаат да му се спротивстават на исламот и себеси се гледаат како помалку религиозни од претходните генерации

 

На дваесет и двегодишната Есра, од Мерсин, ѝ беше дури повеќе здодевно од вообичаеното овој Рамазан. Универзитетите се затворени и Турција го презеде необичниот чекор за ставање на оние под 20 години, како и тие над 65 години, под полициски час, иако многу турски семејства живеат во меѓугенерациски домаќинства.

Како резултат на тоа, Есра не може да види која било од нејзините пријатели. И за вереме на муслиманскиот месец на пост, како и многу млади, таа сега се чувствува уште повеќе задушена од религиозните ограничувања наметнати од нејзините побожни родители.

„Тие нормално не знаат како се облекувам кога не сум таму, но дури и сега во куќата кога сум облечена во тесни фармерки им пречи тоа и тие коментираат“, рече таа. „Тие мислат дека постам, но не. Имам вода во мојата соба“.

И покрај повеќе од една деценија напори на владејачката партија Правда и развој на Реџеп Таип Ердоган да формира генерација на побожни Турци, младите во земјата се чини дека се оддалечуваат од религијата.

Основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк, ја исфрли религијата од јавниот живот, создавајќи секуларна, прозападна република која раскрсти со отоманското минато. Сто години подоцна, Ердоган ја врати Турција на порелигиозен и социјално конзервативен пат, со цел да создаде „верска генерација“ што ќе „работи за изградба на нова цивилизација“. Некои членови на опозицијата го нарекуваат „калиф во чекање“.

Претседателот го зголеми бројот на религиозни средни училишта „Имам Хатип“ во земјата, стабилно го зголеми финансирањето за турскиот директорат за верски работи и ги зголеми овластувањата на локалните муктари или лидери во заедницата, кои обично се побожни луѓе.

Сепак, студијата на универзитетот „Сакарија“ и министерството за образование од почетокот на оваа година, во разгледување на верски наставни програми во турскиот училишен систем, покажа дека студентите „се спротивставуваат на задолжителните часови по вероисповед, на владиниот проект за ‘верска генерација’ и на концептот на религијата“.

Речиси половина од интервјуираните наставници рекоа дека нивните студенти поверојатно ќе се опишат како атеисти, деисти или феминистки и го оспоруваат толкувањето на исламот што се предава на училиште.

Анкетата на агенцијата „Конда“во 2019 исто така открила дека луѓето на возраст од 15-29 години се опишале себеси како помалку „религиозно конзервативни“ од постарите генерации, а помалку религиозни од истата возрасна група една деценија порано – испитаниците рекле дека не мора да ја покриваат косата, да се молат редовно или да постат за време на Рамазан.

Целокупниот пад кај луѓето кои се опишаа себеси како религиозно конзервативни беше само 7 отсто, што претставува намалување од 32 отсто во 2008 година, а оние што рекоа дека постат за време на Рамазан се намалија од 77 на 65 проценти.

Отклонувањето од религијата кај помладата генерација на Турција следи тренд што се гледа во многу индустријализирани земји. Но, некои се прашуваат дали станува збор за реакција на речиси две децении на брендот за политичќки ислам што го турка партијата на Ердоган.

Истражувањето за 2019 година откри само мал пад на религиозноста во целина. Во земја каде околу половина од населението од 82 милиони е под 30 години, сепак, дури и малите промени во односот на општеството може да имаат драматично влијание врз турската политика во иднина. (Гардијан)