Студија: Што и да правиме, Земјата ќе продолжи да се загрева со векови


Дури и ако човештвото утре престане да испушта стакленички гасови, Земјата ќе продолжи да се загрева со векови и нивото на океаните ќе се зголемува, покажува контроверзното истражување на норвешките научници кои работеле според два модели.

Природните двигатели на глобалното затоплување, како топењето на мразот и намалувањето на морскиот мраз, што се процеси предизвикани од ослободување на јаглерод диоксид во атмосферата, ќе продолжат со свое темпо, велат научниците во студијата објавена во списанието Nature („Природа“).

„Според нашите модели, човештвото веќе ја премина точката од која нема враќање ако смета дека намалувањето на емисиите на стакленички гасови е единствениот начин да се запре топењето на мразот“, изјави водачот на студијата Јорген Рандерс, професор емеритус за климатска стратегија на норвешката бизнис школа БИ.

Тој додава дека ако сакаме да ги запреме овие процеси на топење, треба да сториме многу повеќе – на пример, да „исцедиме“ CO2 од атмосферата и да го чуваме под земја, како и да ја исчистиме површината на Земјата.

Јорген Рандерс, професор за климатска стратегија на норвешката бизнис школа БИ

Рандерс и неговиот колега Улрих Голуке користеа модели за да предвидат промени до 2500, земајќи во предвид две сценарија. Првото е моментален прекин на емисиите, а второто е постепено намалување на емисиите на стакленички гасови до нула во 2100 година.

Во имагинарен свет каде што емисијата на јаглерод диоксид може да се сопре со едно копче, планетата ќе се загрева во следните 50 години на 2,3 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа – приближно половина степен од целта на Парискиот договор за климата од 2015 година, а потоа Земјата ќе почне да се лади.

Површината на Земјата денес е потопла за 1,2 степени Целзиусови отколку во средината на 19 век кога температурите почнаа да растат.

Но, од 2150 година, според тој модел, планетата почнува постепено да се загрева и просечните температури ќе растат во следните 350 години, а нивото на морето ќе се искачи за три метри.

Според второто сценарио, Земјата се загрева до ниво што ја уништува цивилизацијата многу побрзо, но тој процес завршува некаде околу 2500 година од нашата ера.

Основното тврдење на студијата, кое го оспоруваат водечките климатолози, е дека точките на пресврт во климатскиот систем на Земјата се веќе преминати и дека е започнат процес на затоплување што самиот се одржува како што се случило пред многу милиони години.

Еден од двигателите е брзото повлекување на мразот во морето на Арктикот како резултат на сончевото зрачење. Вториот двигател е топењето на мразот, кој содржи двојно повеќе јаглерод отколку што има во атмосферата, а третиот е количината на водена пареа која постојано се зголемува и исто така ја загрева планетата.

Неколку водечки климатолози реагираа на студијата за која авторите велат дека е шематска.

„Прикажаниот модел… не е веродостоен приказ на реалниот климатски систем“, вели Ричард Бетс, раководител за климатски истражувања на Универзитетот во Ексетер.

Марк Маслин, професор по климатологија на УЦЛ (University College London), исто така предупредува на недостатоците на презентираните модели.

Но, студијата предупредува дека намалувањето на глобалните емисии на стакленички гасови на нула до 2050 година, а таквата цел ја застапуваат Обединетите нации и ја прифаќаат се повеќе земји – е само почеток на нашата акција што мора да ја преземеме за да ги запреме климатските промени.

Дури и пософистицираните модели што ги користи Меѓународниот панел за клима (IPCC), советодавно тело на ООН, покажуваат дека целите на Парискиот договор не можат да се постигнат ако не се отстранат огромни количини на СО2 од атмосферата.

Еден начин да се постигне ова е да се засадат милијарди дрвја. Експерименталните технологии покажаа дека вшмукување на СО2 од воздухот може да се направи механички, но засега не во оној степен што би бил потребен.