Студентите протестираат пред Собрание за оброк и нормални услови за престој


Фото: Б. Грданоски

Пред Собранието, попладнево почна протестот на студентите кои бараат да се зголеми износот за студентски оброк, да се израмни сумата за стипендии, да се реновираат студентските и да се изземат студентите од штедење.

Со транспаренти на кои пишува „Од капитализам до канибализам“, „Студентски (оброк) глад“, „Студентски оброк или политички облог“, стотина студенти протестираат пред Собранието.

Од „Студентски отпор“ велат дека во период во којшто треба да се донесе буџетот за 2023 година, нивните првични барања од кои не отстапуваат се:

– Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, како и тргање на сите предложени нови критериуми за исполнување на правото на субвенциониранот студентски оброк;

– Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;

– Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;

– Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја;

Велат нема да се откажат додека не се исполнат нивните барања.

Фото: Б. Грданоски

Инаку, претставници на универзитетските студентски собранија од повеќе државни и приватни универзитети денеска ќе остварат средба со пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која ќе се разговара за измените на Законот за субвенциониран студентски оброк. Средбата следува по реакциите во јавноста откако предлог-законот се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за в среда, поради промените кои се предвидуваат во однос на критериумите што студентите треба да ги исполнат за државата да им субвенционира еден оброк дневно.

Конкурсот за студентскиот оброк доцни повеќе од два месеца, а кога конечно стигна до дневниот ред во Собранието на Северна Македонија, се најде во центарот на вниманието на јавноста и стана тема каде партиите ги вкрстија своите копја.