Студенти од Машински факултет и ФЕИТ создадоа иновативен уред за рециклирање отпад


Младиот студент – истражувач Матеј Милосиевски од студиската програма Мехатроника на Машинскиот факултет (МФС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со неговиот колега Андреја Поповиќ од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), создадоа уред за рециклирање отпад од полиетилен терефталат (PET) во филамент за 3D печатење.

Милосиевски, во соработка со менторите доц. д-р Маја Аначкова и доц. д-р Симона Домазетовска на меѓународната конференција RE-MEMBER 2024, организирана по повод 20 годишнина на насоката Мехатроника и дванаесеттата меѓународна студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР 2024, презентираше труд со наслов „Одржлив развој во областа на адитивното производство: Креирање уред за рециклирање PET во филамент за 3D печатење со помош на пултрузија“. На овој начин, тој го подобри овој open-source концепт што е во развивање од 2022 година со кој, всушност, дискутира за развојот на новиот пристап за рециклирање отпад. При реализација на проектот обезбедена е поддршка од Fab Lab – Скопје и голема поддршка и менторство од асс. д-р Огнен Тутески и Вишиот лаборант Бобан Кусигерски.

„Овој метод користи пултрузија наместо традиционалното обликување за формирање рециклиран PET (rePET) филамент. Припроцесот на пултрузија, полимерот се загрева доволно за да се обликува без целосно топење на материјалот, нудејќи потенцијални заштеди на енергија. Модифицираниот уред за пултрузија, создаден и користен за оваа студија, е конструиран главно од компоненти пренаменети од стар Ender 3 3D принтер, надоврзувајќи се на севкупната одржливост како прв приоритет. Процесот на добивање на rePET филамент почнува со отпадниот PET, во овој случај е пластично шише, по што следи загревање и обликување под константен напон преку модифицирана дизна до стандарден дијаметар на филамент за 3D принтање“, објаснува Матеј.

Проектот е поддржан преку повикот за финансирање научноистражувачки проекти за 2023/2024 од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Трудот ја идентификува потребата за подобрување на униформноста и механичките својства на rePET за поширока примена во адитивното производство.

„Оваа студија служи како доказ за концептот за одржливо рециклирање на PET за филамент за 3D принтање, иако е потребно понатамошно усовршување и оптимизирање на процесот за индустриска употреба. Идните истражувања ќе се фокусираат на подобрување на униформноста на филаментот и истражување на оптималните параметри за 3D принтање. Овој проект придонесува за напредокот на одржливите производствени практики преку обезбедување иновативно решение за отпадниот PET, усогласувајќи се со 6R концептот на производство (Reduce, reuse, recycle, recover, redesign, remanufacture). Се надеваме дека овој проект ќе биде инспирација и мотив за многу идни студентско-предводени проекти насочени кон подобрување на нашето општество”, вели Милосиевски.