Струмичките археолози по четири децении повторно го истражуваат локалитетот „Свети 40 Севахистиски маченици“ во Банско


По пауза од речиси четири децении струмичките археолози повторно вршат археолошки истражувања на локалитетот „Свети 40 Севастиски маченици“ во селото Банско.

Тимот на „Завод и Музеј Струмица“ го предводат археолозите Душко Цветанов и Ване Секулов и според нив станува збор за средновековна црква изградена во периодот 11-12 век.

-Сакралниот објект поседува синтронос на источната страна што упатува на заклучокот дека била епископско седиште. Во 2021 година на црквата беа извршени конзерваторски-реставраторски работи со што овој значаен споменик на културата за средновековната духовна култура на Струмица и струмичко во континуитет го добива својот заслужен третман, информираа од „Завод и Музеј Струмица“.

Стручен тим од оваа установа, во сорабтка со д-р Трајче Нацев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, почна и со реализација на проектот ,,Изработка на основен проект за конзервација и реставрација на Пирг кулата во село Мокриево”, која била изградена во периодот од 5-6 век, а најверојатно била активна и во периодот на Цар Самуил.

Проектите се од годишната програма на институцијата и се поддржани од Министерството за култура.