Струга 18 години не ѝ плаќа на државата за користење на изворот Шум


Заматената вода за пиење, што тече од чешмите на стружани, разбистри многу недостатоци во целиот систем за водоснабдување на Струга.

Покрај негрижата за заштита на изворот, со цел граѓаните да пијат и да користат квалитетна вода, ЈП „Водовод и канализација“ од Струга, е задолжено да плаќа за користење на водата на државата, а на тоа го обврзува закон донесен во 2008 година.

Како што појасни одговорниот за води, во Министерството за животна средина, денеска, на брифинг со новинарите, Струга не плаќала ништо за користење на изворот, а дури сега, откако им било укажано, поднеле барање за дозвола за користење на водата од изворот Шум, што Министерството допрва треба да го прифати.

Зошто Струга не ја исполнувала оваа обрска до сега и како ќе бидат наплатени сите години избегнување на обврската, од Министерството не знаат, но велат дека и Обвинителството се очекува да поведе постапка за одговорност.

Од 2005 до 2013 година, градоначалник на Струга беше Рамиз Мерко, за потоа да биде Зијадин Села, но во 2017 година Мерко повторно се враќа на градоначалничката фунција, се до лани, кога на чело на Струга доаѓа Менди Ќура. Ниту Мерко, ниту Села не се сетиле дека им треба дозвола од државата за користење на нивните ресурси, а Ќура веројатно дозна за оваа обврска откако водата за стружани се замати по нелегалниот ископ веднаш над изворите.

Советниците во општината, пред месец и половина донесоа заклучоци надлежните истражни органи и Јавното обвинителство итно да ги приберат сите релевантни податоци за целосно расчистување на случајот со нелегалниот ископ на минерални суровини и работењето на каменоломите во заштитната зона на изворот Шум, Владата да донесе одлука за определување заштитни зони на водите за водозафатниот објект извор „Шум“, со јасно утврдени граници на заштитните зони, мерки за заштита, услови и начин на воспоставување и спроведување на заштитниот режим и картографски приказ и евиденција во соодветните регистри. Воедно, Општина Струга треба итно да побара стручно мислење, анализа и препораки од надлежните институции за проценка на настанатата еколошка и хидрогеолошка штета, можните ризици по здравјето на населението, утврдување на потребните мерки за санација и заштита и воспоставување на систем на континуиран мониторинг.

Задолжени се сите надлежни инспекциски служби при Општина Струга итно и неодложно да постапат, секој во рамки на своите законски надлежности со цел констатирање на сите неправилности и прекршувања, изрекување на мерки согласно закон, задолжување на правните и физичките лица за отстранување на утврдените недостатоци и спречување на понатамошно нарушување на безбедноста на изворот и пошироката околина.

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ е задолжено итно да ги донесе сите неопходни правилници и интерни акти со кои се уредува работењето, заштитата и безбедноста на изворите за снабдување со вода за пиење, да воспостави систем на редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата согласно националните и европските стандарди, како и, меѓу другото, да се спроведе независна ревизија на работењето на претпријатието.