Стручна обука за вработените во Агенцијата за катастар на недвижности


Денеска во Скопје, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности, се одржа првото советување наменето за правниците од агенцијата на тема „Актуелните дилеми и предизвици во врска со запишување на правата со сопственост во катастарот на недвижности, со посебен осврт на прашањата од практиката и работењето“.

Главната цел на ова советување беше да се постигне воедначеност при постапувањето по
предметите, со цел корисниците да ја имаат потребната правна заштита.

Ова е првото стручно советување ваков тип организирано од Агенцијата за катастар на недвижности. Како дел од заложбите на раководството за унапредување на стручноста на вработените и квалитетот на услугите за граѓаните, планирано е ваквиот тип на стручни советувања да станат редовна пракса и да се одржуваат неколку пати годишно.

На настанот свое поздравно обраќање имаше директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, а во работниот дел стручни презентации одржаа професорката на правниот факултет во Скопје, Тина Пржеска, чие видување беше поткрепено со примери од практичната работа со која се соочуваат нотарите и извршителите, заедно со правниците и геодетите од Агенцијата за катастар на недвижности.

На стручното советување, обраќање имаа нотарот Марјан Коцевски, извршителите Зорица Симиќ и Весна Јакимовска, како и државниот советник Елеонора Стефановска, која го стави фокусот на Законот за катастар на недвижности.

Во рамки на поздравното обраќање, директорот Живковски нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.

„Затоа, потребно е постојано учење на нови содржини и усогласување на постапките согласно со актуелните закони и правилници,“ истакна тој.

Тој додаде дека агенцијата, преку ваквите обуки, обезбедува континуирана едукација за вработените, со цел тие да овозможат поквалитетни и поцелосни услуги на корисниците.

„Агенцијата за катастар на недвижности се грижи за заедницата не само преку редовните сервиси и услуги кои ги обезбедува секојдневно, туку и преку обезбедување континуирана едукација за вработените, со која ќе им овозможи поквалитетни и поцелосни услуги на корисниците,“ додаде директорот.