Стресот една од причините за будење меѓу 2 и 4 часот ноќе


Лондон – Многу луѓе се будат среде ноќ, најчесто меѓу 2 и 4 часот наутро, а според стручњаците, причини за тоа може да бидат стресот, лошите навики за спиење, хормоните или здравствените проблеми.

Податоците од британските истражувања покажуваат дека 88 отсто од испитаниците се будат барем еднаш во текот на ноќта, додека 69 отсто од нив најчесто се будат меѓу 2 и 4 часот. Дополнителен проблем е што 61 отсто од луѓето имаат тешкотии повторно да заспијат потоа, па затоа нарушувањето на сонот често станува лоша навика. Д-р Дебора Ли појаснува дека стресот и вознемиреноста се меѓу главните причини за ноќните будења. Според наводите, кортизолот како хормон на стрес, природно се зголемува во раните утрински часови, но кај луѓето под продолжен стрес може да се зголеми порано и поостро. Ова го отежнува повторното заспивање и создава циклус на прекинат одмор, пренесува „Метро (Metro)“.

Лошите навики, како што се нередовното време за спиење, прераното легнување или користењето телефон пред спиење, исто така, можат да го влошат проблемот. Стефани Ромишевски, физиолог за спиење, препорачува да станувате во исто време секој ден и да си легнувате само кога се чувствувате поспано.

Можни причини се и низок шеќер во крвта, алкохол, хормонални промени за време на менопаузата, перименопаузата и бременоста, како и состојби како апнеа, рефлукс, депресија, синдром на немирни нозе или хронична болка.

Доколку проблемот трае повеќе од три месеци или е придружен со други симптоми, лекарите препорачуваат посета на лекар и, доколку е потребно, лекување на несоницата со когнитивно-бихејвиорална терапија.