Стрес тест за животниот стандард
Во држава каде што БДП е околу 5.000 долари по жител, а просечната плата помалку од 500 евра, секое, па и најмало поскапување, ја изместува домашната математика
Некои тоа го нарекуваат совршена бура – кога повеќе негативни фактори ќе се испреплетат и ќе ја стават на тест издржливоста на институциите, на луѓето или на компаниите. Во случајот, на таков стрес тест е ставен животниот стандард на граѓаните кој се најде на удар по зголемувањето на цената на струјата, на греењето (не е само парното, туку и на нафтата, гасот, пелетите, огревното дрво…), но и на цените на еден куп производи важни за живејачката. Ако кон ова се додадат и неизвесностите поради здравствената и економската криза што резултираат со намалено индустриско производство и помалку вработени во индустријата (во некои компании се намалуваат платите или вработените се пуштаат на принуден одмор), сликата станува уште потемна. Што може да очекуваме во 2022 година?
При крајот на минатиот месец Евростат ги објави најновите податоци за реалната индивидуална потрошувачка (Actual individual consumption – AIC) која се однесува на сите добра и услуги што всушност ги консумираат домаќинствата. Овој индикатор, кој на некој начин го покажува нивото на животниот стандард, ги опфаќа потрошувачките добра и услуги купени директно од домаќинствата, како и услугите што ги обезбедуваат непрофитните институции и владата за индивидуална потрошувачка (на пр., здравствени и образовни услуги).
Податоците на Евростат не донесоа ништо ново што не беше познато и до сега – нашата земја со 43 отсто во однос на европскиот просек е закована со години на дното на листата, пред Албанија, која е уште полоша (39 отсто во однос на европскиот просек) и Босна и Херцеговина (42 отсто), но зад сите други земји од регионот, како оние кои не се дел од ЕУ (Србија е 51 отсто, а Црна Гора 59 отсто од европскиот просек), а уште подалеку ни бегаат земјите членки на ЕУ (Хрватска 68 отсто, Словенија 82 отсто, Бугарија 61 отсто…).
Зошто е важен овој индикатор? Од Евростат појаснуваат дека иако БДП по глава на жител е важен и широко користен индикатор за нивото на економската благосостојба на земјите, потрошувачката по глава на жител може да биде покорисна за споредување на релативната благосостојба на потрошувачите во различни земји. Инаку, AIC по глава на жител обично е во голема корелација со БДП по глава на жител, бидејќи во пракса, е убедливо најголемата расходна компонента на БДП.
Од поскапувањата на енергијата и на животните намирници не се поштедени и граѓаните на другите земји, така што во некоја идна споредба соодносот на индикаторот за реалната индивидуална потрошувачка веројатно е дека и натаму ќе остане ист. Но друго е ваквите несакани ефекти да се поднесат во држава во која БДП на жител е два-три пати поголем од нашиот, како што е во некои од поновите земји членки на ЕУ, или многу пати поголем како во најразвиените држави во Европа.
Во држава каде што БДП е околу 5.000 долари по жител и каде што просечната плата e помалку од 500 евра (според официјалната статистика, во ноември изнесувала 29.145 денари), секое, па и најмало поскапување, ја изместува домашната математика. Проблемот е што во небрано се и компаниите и државата во целина.
Фирмите се истоштени од здравствената криза, којашто предизвика многубројни нарушувања во набавките и во продажбите, а порастот на цените на енергијата кај оние потрошувачи што се снабдуваат од слободниот пазар е уште поголем отколку кај граѓаните. Тоа е и една од причините зошто има толкав отпор за најавената мерка од страна на Владата за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари.
Синдикатот, од друга страна, притиска ова владино ветување да се реализира што поскоро кога веќе посакуваниот термин, 1 јануари е веќе зад нас, како и минималната плата да се фиксира на 60 отсто од просечната плата во земјава.
Од таму постојано аргументираат дека синдикалната кошница е сѐ попразна, односно дека не се доволни ниту две минимални плати за да преживее едно четиричлено семејство. За илустрација, лани во јануари, според пресметките на ССМ вредноста на Синдикалната минимална кошница изнесуваше 33.650 денари при просечно исплатена нето плата од 28.272 денари, додека десет месеци подоцна (во октомври 2021 година) се искачи на 34.574 денари кога просечно исплатената нето-плата изнесуваше 29.145 денари, и кога најголемиот бран поскапувања уште немаше земено замав. Јасно е дека кога во пресметките ќе се вклучат и новите сметки за греење и за електрична енергија состојбите дополнително ќе се влошат, односно ако (според пресметките на синдикатот) на четиричлено семејство во просек му недостасувале околу 50 евра за да ги подмири основните трошоци, сега тој јаз ќе биде уште подлабок, имајќи предвид дека најмногу пари се трошат за храна и пијалаци, како и за режиски трошоци.
Како по традиција, кај нас сите погледи за спас се насочени кон Владата, односно кон Буџетот на државата. Владата не седеше со скрстени раце – паралелно со поскапувањето на струјата беше донесена Програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, со која се предвидува најранливите категории на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош, да добијат намалување на месечната сметка за 600 до 800 денари по семејство. Претходно, времено беа замрзнати цените на основните животни производи, мерка која наиде на поделени коментари во јавноста, бидејќи наместо спас за животниот стандард може да резултира со празни рафтови во продавниците. Исто така, на почетокот на енергетската криза беше намалено ДДВ-то за електричната енергија, исто така мерка од времен карактер, а кон крајот на минатата година беа префрлени значајни износи кон ЕСМ и МЕПСО…
Сите овие мерки имаат влијание врз Буџетот, а таму работите не се сјајни. Напротив. Поради големиот пораст на задолжувањата што беа направени во екот на пандемијата за да им помогне на фирмите и граѓаните полесно да се справат со здравствената и економската криза, нашата земја веќе го нема просторот и комоцијата дополнително да се задолжува и така да гаси пожари. Од Министерството за финансии велат дека има одредени резерви кои може да се насочат кон амортизирање на ударот од евентуални дополнителни повисоки цени на енергијата (станува збор за околу 130 милиони евра), но треба да се има предвид дека сите такви дополнителни трошоци ќе значат помалку простор тие пари да се употребат за она што биле наменети – во случајов за докапитализација на ЕСМ, или за проекти од таканаречената зелена агенда.
Исто така, треба да се има предвид и дека поголемите трошоци за греење и за струја ќе им остават помалку пари на граѓаните за други намени – ќе се крати од она што е помалку неопходно, па овие поскапувања сигурно ќе повлечат и помалку промет во продавниците за облека, за чевли, или за одење на некој концерт, во театар итн. Тоа, пак, може да отвори цела една спирала во која негативните ефекти полека ќе се прелеваат.
Состојбата, како што се гледа е прилично „замрсена“ и тешко дека ќе може да се најде некое волшебно и брзо решение. Особено во услови кога можностите за интервенција се ограничени, кога не може да се пофалиме со ниво на продуктивноста коешто обезбедува конкурентска предност пред другите, или со иновативни производи кои носат поголеми приходи.
Но, она што може да се направи и што може колку толку да ја поправи лошата слика, секако се работи кои треба да бидат во врвот на агендата на новата влада, а кои долго време ги бараат и граѓаните и компаниите – а тоа е сузбивање на сивата економија и корупцијата, која ги подјадува сите економски и општествени текови, како и што поефикасно трошење на буџетските средства за капитални инвестиции, кои во целава оваа ситуација, можат да бидат ветар во грб за домашните компании, да им обезбедат приходи со кои тие ќе може да планираат и сопствен развој, во кој една од компонентите е и благосостојбата на вработените и нивниот животен стандард.
Други, набрзина донесени или ад-хок решенија се, што би рекле постарите, купи-ден-помини.