Стразбур: Спиро Ристовски и Митко Пешов неоправдано биле во притвор за „27 април“


Фото: Б. Грданоски

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресудил дека на поранешниот министер за образование и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“. Иста пресуда судот во Стразбур донесол и за обвинетиот Митко Пешов, објави неговата адвокатка Павлина Зефиќ.

Стразбур пресудил дека државата ќе мора на Ристовски да му плати оштета од 750 евра и 1500 евра судски трошоци а со оваа пресуда според македонското законодавство, не е доволна да се бара ретроактивна финансиска надокнда од државата за држење во притвор.

„Во текот на разгледуваниот период, ризикот од бегство на апликантите беше оправдан од властите во однос на тежината, политичкиот мотив, целта и начинот на извршување или последиците од делото, како и степенот на кривичната одговорност и тежината на потенцијалната казна. Судовите не покажаа постоење на ниту еден конкретен факт во прилог на нивните заклучоци дека постоел ризик од бегство“, стои во пресудата на ЕСЧП.

„Втора пресуда на Европскиот суд за човекови права, во која се утврдува повреда за обвинетиот Митко Пешов, обвинет во предметот 27 април, во постапката со одредување на мерката притвор од домашните судови. Мали износи на штета, но за нас голема сатисфакција зошто знам дека ќе следуват и други пресуди со повреди од судот во Стразбург за оваа постапка. Се надевам судовите ќе извлечат поука и ќе ја променат праксата со притворите, за да не плаќаат граѓаните за нивните грешки!“, напиша Зефиќ.

Европскиот суд цени дека немало конкретен факт дека Пешов и Ристовски ќе бегаат.

Крвавите настани на 27 април се случија откако изборите во декември 2016 година не донесоа јасен резултат за формирање влада, па ВМРО-ДПМНЕ освои две пратенички места повеќе од СДСМ. Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов го додели мандатот за формирање на владата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но по уставните 20 дена тој не успеа да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, а Иванов и покрај тврдењата на второпласираниот Заев дека има мнозинство не му го даде мандатот.

Станува збор за два судски предмета поврзани со настаните од насилниот упад во Собранието на 27 април 2017. Сите се осудени за дејствија против државата, односно за загрозувањето на уставниот поредок и безбедност на државата. Како организатори на насилниот упад беа осудени на затворски казни поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски.

За инцидентите во Собранието пак, пресуди за затворски казни добија 16 обвинети. Но другите 15 обвинети меѓу кои и пратеници, беа помилувани во пресрет на уставните измени во Собранието по потпишувањето на Преспанскиот договор со кој се смени името на државата во 2018 година.